Гoспoди, Бoжe, Триeдин, пoмилуј нè и спаси нè! На Тeбe слава и вeчна пoфалба. Амин. Ден пред големиот христијански празник Богојавление – Водици, на празникот наречен Водокрст секоја година се извршува голем Богојавленски водосвет. Празникот е познат под имињата Водокрштение и Водокрст или Водопост, како ден на строг пост, во кој се пости само на вода.




На 18 јануари се слави празникот Водокрст. Во Светата Црква се воспева силата и моќта на Крстот. Се врши крштевање на водата и таа со силата на Светиот Дух добива лековита моќ. Празникот Водици се празнува два дена.




Првиот, 19 јануари, е познат под имињата Богојавление и Водици, но во некои краишта се спомнува и како Војордание или Машки Водици. Вториот ден, 20 јануари, е празникот Собор на Свети Јован Крстител, познат и како Женски Водици, кога главен збор во изведувањето на обичаите имаат жените. На тој ден, именден слават сите чие име е изведено од името Јован.




Денот Водокрст, пред Богојавление (Водици) има важно место во животот на нашиот народ. Во очекување на големиот празник народот изведувал многу обичаи кои се поврзани со крстот и осветувањето на водата, но и со обезбедување плодородие во годината што следува. Може да се види дека многу од овие обичаи водат потекло од претхристијанскиот период, но во христијанството добиле нова смисла и значење.




Kако што е запишано во Евангелијата, за тоа посведочил и Свети Јован Крстител кој рекол: „Еве го јагнето Божјо кое на Себе ги зеде гревовите на светот”. Откако ги кажал тие зборови, го потопил и го крстил Божјиот Син во Јордан. Водици е празник над празниците и во резлични делови од Македонија се одбележува со многу интересни и неповторливи фолклористички обреди.




Водокрст паѓа во очи Богојавление и секогаш е посен ден, без оглед на тоа во кој ден од неделата се паѓа. Во некои краеви постои обичај да се стави крст во вода и да се однесе во црква. Ако крстот замрзне се верува дека годината ќе бие родна и здрава, а во спротивно ќе донесе многу болести.




Водокрст е поврзан со Богојавление-Водици, осносно со крштевањето на Исус Христос од страна на Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот на Водици, значи соединување на човекот со Христа. Светената вода претставува Божја благодат: таа ги чисти од нечистотија сите оние кои веруваат, ги осветува и закрепнува на подвиг за спасение во Господа.




Првпат се потопуваме во неа на Крштението, кога со примањето на Светата Тајна Крштение трипати се потопуваме во крстилницата наполнета со света вода. Светата вода во Светата Тајна Крштение ја симнува духовната нечистотија од човекот, го обновува и го препородува за нов живот во Христа.




Светата вода задолжително се користи кога се осветува црква и свети предмети кои се употребуваат за време на богослужбите, кога се осветуваат домови или некои предмети од домаќинството. Со света вода не’ попрскуваат на литиите, на молебните. На Водокрст и на Богојавление секој православен христијани носи шишенце со света вода, внимателно ја чува како најсвета светиња, земајки ја со молитва за време на болест или немоќ.




Свети Димитриј Херсонски пишува: „Светата вода има сила да ги осветува душите и телата на сите што ја користат. Ако се користи со вера и молитва, таа ги лекува сите наши телесни болести“. Преподобниот Серафим Саровски на поклониците по исповедта секогаш им давал да се напијат по една чаша богојавленска вода.




Чинот на водосвет кој се извршува на Водокрст и на Богојавление, се нарекува голем водосвет, заради посебно свечениот чин кој е проткаен со сеќавање на крштението Господово, во кој Црквата не гледа само таинствено очистување од гpeвовите, туку и вистинско осветување на природата на водата преку потопување на Бог во тело во неа.