Магичното бадниково утро кое го пренесуваат дечињата со својот ангелски глас и го симболизираат раѓањето на Исус Христос е само убав почеток за престојната година.
Домаќините ги пречекуваат дечињата на врата со својата коледарска песна и ги даруваат со костени, ореви, јаболка, круши, за да го зачуваат овој убав обичај кој се пренесува од колено на колено.
Ова се денови кога секој треба да го заборави лошото и да ѝ даде можност на добрината да ги усреќи луѓето. Дури и најнесреќните и најбедните треба да се обидат да стават насмевка на своите лица. Барем за момент секој треба да научи да простува и да го отвори своето срце за другите.
Бадник или Коледе се нарекува денот пред роденденот на Исус Христос (Божиќ), според христијанската традиција.
Според Јулијанскиот календар по кој се раководи Македонската православна црква, Бадник се прославува на 6 јануари секоја година, а Божиќ на 7 јануари.
Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден – Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости.
Традиционално, во Македонија семејството се собира на вечера на Бадник. Се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна: питулици, сарма, грав, компир, зелник, овошје и друго, што треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година.
Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане цела ноќ. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани, или во некои места, духовите на мртви-те.
На Бадник во секоја куќа се меси кравајче, пита или погача во која се става паричка-монета. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера, домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравајчето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата.
Сите присутни во својот дел од кравјачето ја бараат паричката, и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои.
За Бадник трпезата секогаш е посна, но исклучително богата (посна сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и сл.) Пред да започнат домашните да вечераат, домаќинот го отворал прозорецот и го поканувал Дедо Боже на вечера со зборовите:
„Повели Дедо Боже да вечераме”. Во некои места софрата се изнесувала во дворот и оттука се упатувала поканата кон Дедо Боже.
Традиција е по вечерата софрата да не се крева. Храната останува цела ноќ, а во некои места така останува во текот на трите дена додека се празнува Божиќ. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани.
Богати обичаи и верувања на Бадник се поврзани со обредниот оган, како и со горењето на бадниковото дрво.
Најчесто се гори пенушка од даб. Таа ноќ, како што запишал Кузман Шапкарев, „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: „Бадник – будник”.
Божиќ, според црковниот календар, се празнува три дена. Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.
Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божиќ, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан кој се празнува на 9 јануари. Од Божиќ почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат се до пред Водици, денот кога Исус бил крстен.