Направете си ги овие посни кифлички, половина послужете ги, а другата половина замрзнете ги и ќе си имате постојано. Посно тесто кое веднаш се замесува, а и кога ќе ги одмрзнете сите ќе мислат дека се свежи.




И навистина такви се на вкус бидејќи тестото е преубаво искомбинирано со сите состојки во совршен сооднос. Се послужуваат на слави, посни или мрсни, без разлика јас и преку цела година си го правам само овој рецепт.




Потребни состојки: 500 г брашно, 280 мл вода, 20 мл масло, 20 г квасец, 15 г шеќер, 10 г сол, 60 г маргарин за премачкување на тестото и уште 60 г за премачкување однадвор (маргаринот треба да биде посен).




Постапка: Во еден помал сад иситнете го квасецот на неколку помали парчиња, речиси да биде издробен. Ова е отприлика околу 1/2 коцка свеж квасец. Во него додајте неколку лажици вода и измешајте за квасецот да се раствори.




Во подлабок сад низ сито просејте го брашното и од количината одземете 4 лажици кои ќе ви бидат потребни за подоцна. Во брашното додајте ги сувите состојки: шеќер, сол. Измешајте со лажица и на средина направете вдлабнатина во која ќе го додадете растворениот квасец.




Потоа додајте го маслото и остатокот од водата. Почнете да ги мешате состојките од средина кон надвор, а кога ќе се формира лепливо тесто преминете да го правите тестото со раце. Продолжете со истото темпо односно тестото го развлекувате од средина кон надвор.




Ова се вика спирално мешање и не треба да додавате брашно додека да го формирате тестото. Ќе забележите дека е еластично како гума. Кога ќе се формира, може да го префрлите на рамна набрашнета површина и постепено да додавате од брашното кое претходно го тргнавте настрана и да го замесите додека да стане меко, воздушесто и нелепливо во форма на топка.




Потоа тестото се враќа во садот каде што го замесивте, го покривате со проѕирна фолија и кујнска крпа и оставате да стаса 45 минути. Потоа го враќате на рамна површина и го делите на 3 еднакви делови, секој дел да биде отприлика по 280 г.




Од секој дел формирате топче и ги оставате да одморат уште 10 минути. Потоа секој дел се развлекува со оклагија во круг со пречник 25-28 см и се премачкува темелно со 20 г посен маргарин. Потоа овој круг се сече на 12 триаголници како за пица и од секој дел се витка кифличка.




Кифличките се редат на плех со хартија за печење и се оставаат да отстојат уште 45 минути. Потоа одозгора им се става парче маргарин и се печат во претходно загреана рерна на 230 степени, 10-12 минути. Ако рерната ви пече нерамномерно тогаш на 8 минути свртете го плехот.




По печењето доколку сакате кифличките да бидат крцкави треба да ги оставите целосно да се изладат под крпа. Ако сакате кората да биде мека, тогаш премачкајте ги со растопен маргарин додека се топли.

Половина од нив може да замрзнете, а при одмрзнување се загреваат во огноотпорен сад во рерна на 250 степени, 3-4 минути и одозгора се премачкуваат со масло и малку маргарин. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.