Здраво на сите, се надевам дека сте добро. Јас сум Ивана и денес приготвив многу убав и практичен рецепт. Вие може да го менувате по сопствена желба со состојки по ваш вкус. Ова се моите три комбинации кои навистина се многу вкусни.




Ова е посен рецепт, но јас често го користам секојдневно, особено кога ќе ми дојдат моите драги пријатели кои се вегани, па сакам да ги израдувам, но и за мене секогаш е предизвик да приготвам нешто вкусно, а тоа да биде без млеко и јајца. Доколку ги приготвите овој рецепт, споделете ги вашите впечатоци во коментар.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ОСНОВНА СМЕСА: 500 г пченкарно брашно, 500 г бело брашно, 250 мл масло, околу 800-850 мл вода, 3 лажички сол, 2 кесички прашок за печиво (20 г), сусам за наросување.

ЗА ПРВА ПИТА: 1 главица кромид, 30 мл масло, 200 г шампињони печурки, 1 лажичка сув зачин, една рака свеж магдонос. ЗА ВТОРА ПИТА: Еден голем морков (200 г), 1 конзерва туна 170 г, 1 чешне лук и малку копар. ЗА ТРЕТА ПИТА-ШПАНСКА: 5-6 кисели краставички (100 г), 1-2 раце зелени маслинки и 100 г кисели пиперки.




ПОСТАПКА: Ќе ја приготвуваме првата пита, бидејќи потребно е да се динстаат кромидот и печурките. Исчистете една главица кромид, па ситно исечкајте ја. Кромидот ставете го во тава заедно со 30 мл масло и запржете го на умерен оган. Потоа исечкајте ги печурките на ситни коцкички и додајте ги во кромидот.




Зачинете со малку сув зеленчуков зачин (вегета) и црн пипер во прав, па пржете уште неколку минути додека зеленчукот да омекне и да испари вишокот течност. Оставете да се лади. За тоа време пригответе ги состојките за втората пита: изрендајте го морковот, копарот ситно исечкајте го, а исто така и лукчето.




За третата пита: киселите пиперки исечкјате ги на ситни коцкички, а потоа и киселите краставички. Маслинките исечкјате ги на тркалца. Кога ќе ги подготвите сите состојки, може да ја направите и основната смеса:




Во поголем сад ставете 500 г пченкарно брашно, па додајте 500 г бело брашно, 3 лажички сол, 2 кесички прашок за печиво, па промешајте со лажица за да се изедначат сите суви состојки. Потоа додајте 250 мл масло и околу 800-850 мл обична или газирана вода. Водата додавајте ја постепено за да ја оцените густината на тестото.




Целата добиена смеса е околу 3 литри, па поделете ја на три еднакви делови (за мерење користете некоја мензура од 1 литар). Во првата смеса додајте ги пржените печурки со кромид и малку исечкан магдонос.




Во втората смеса додајте го ренданиот морков со лукчето и копарот, па додајте ја и туната од конзерва. Во третата смеса додајте ги сечканите кисели пиперки, краставички и маслинки. Сите три смеси добро промешајте ги со лажица додека да се изедначат состојките.




За да ги печете сите три пити одеднаш, тогаш земете еден поголем плех, обложете го со хартија и со помош на фолија направете две прегради, така да добиете три помали калапи во плехот. Може да ги печете и посебно во некој помал плех. Излејте ги смесите и распоредете ги рамномерно.




По желба наросете сусам одозгора и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени (преградите од фолија можете да ги извадите пред печење) околу 40 минути додека убаво да зарумени. Кога е печена покријте ја со кујнска крпа и оставете да се подизлади. Потоа сечете ја на коцки. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.