Ќе ви претставиме два рецепти за погачи меки како памук кои изминативе години беа фаворитни за читателите на НМД. Некоја од нив можеби веќе ја имате приготвено, па споделете ги вашите впечатоци во коментар. Првиот рецепт е на Родна Трпеска – Многу вкусна и многу мека погача.

РЕЦЕПТ 1. Потребни состојки: 250 мл млеко, 1 чаша (200 мл) јогурт, 1 чаша кисела павлака, 1 коцка свеж квасец (40 г), 2 лажици шеќер, 2 лажички сол, 2 јајца, 100 мл масло и брашно по потреба (750 г – 1 кг, во зависност како впива самото брашно)

погача – Родна Трпеска

Постапка: Квасецот се раствора во млако млеко со малку шеќер и брашно и се остава 10-тина минути за да се активира. Потоа се додаваат сите останати состојки кои мора да бидат на собна температура. Брашното се додава постепено и се меша со лажица, а на крај се работи со рака.

Се замесува средно по мекост тесто и се остава покриено да стасува во топла просторија додека убаво да го удвои волуменот, околу еден час. Потоа од смесата се прават топчиња со големина по ваша желба.

погача – фото и рецепт: Родна Трпеска

Се редат во тепсијата каде ќе се пече погачата и се оставаат повторно да стасуваат околу половина час или додека да нараснат. Стасаната погача одозгора се мачка со изматено јајце (може жолчка со малку млеко или масло) и се наросува со сусам.

Се става и по мало парче путер или маргарин врз топчињата, па се става на печење во добро загреана рерна на 200-180 степени. Се пече додека убаво да зарумени, а по потреба пред крајот се става фолија одозгора за да се испече подобро а да не изгори од горната страна. Вториот рецепт е: Јогурт погача на кој никој не може да и одолее – додека се пече, цела куќа мириса привлечно

Најубавата и најлесната погача која ќе ве ocвои веднаш, по првиот залак! Погачата е мека како душа и многу едноставна за приготвување, особено за млади домаќинки.

Потребни состојки: 2 јајца, 1 јогурт во чаша, 50 г квасец, 200 мл вода, 2 лажички шеќер, 2 лажички сол, Брашно по потреба (околу 700 – 800 г), сусам за поросување и 150 г маргарин/путер за мачкање.

Постапка: Квасецот и шеќерот растворете ги во млака вода. Промешајте и оставете да се активира и запени. Во брашното додајте јајца на собна температура, сол, јогурт (на собна температура) и активираниот квасец, па замесете тесто. Оставете го 5 минути да одмори, па развлечете го во голем правоаголник, тенок околу 5 мм.

Премачкајте ја кората со путер и свиткајте ја во ролат. Исечете го ролатот на парчиња со дебелина од околу 4-5 см. Парчињата редете ги во тркалезен сад за печење (30 см), па покријте и оставете ја формираната погача да стасува на топло место (и да нема провев) додека да го удвои волуменот.

Врз секој ролат ставете малку путер и наросете со сусам. Печете ја погачата во загреана рерна на 200 степени додека да зарумени. Печената погача завиткајте ја во сува крпа и оставете така неколку минути додека малку да подизлади и да омекне од сопствената пареа и топлина.