Посни руски капи (ШУБАРИ): Вкусни, сочни и слатки, oмилени на трпезата, готови за 20 минути. Руските капи може да се прават и посни. Уште ги нарекуваат и шубари, а се подготвуваат од неколку состојки. Ако сакате да направите нешто благо и евтино, ова е вистинскиот рецепт.
Потребни состојки за бисквитот: 200 мл кисела вода; 200 г брашно; 1 прашок за печиво; 50 мл масло; 100 г шеќер; 2 лажици какао. За фил: 4 лажици сојно млеко во прав; 500 мл топла вода; 100 г шеќер; 1 ванилин шеќер; 3 супени лажици густин; 3 лажици брашно; 250 г посен маргарин; 3 лажици шеќер во прав; 100 г кокосово брашно.
За глазура: 100 г посно темно чоколадо; 2 лажици масло или коцка маргарин. Постапка: Во сад ставете го брашното со прашокот за печиво, додајте шеќер, масло, какао и кисела вода. Добро изедначете ја смесата за бисквитот.
Обложете го садот во кој ќе печете со хартија за печење (димензии 30х40 см) и излејте ја смесата. Се пече на 200 степени околу 20 минути. По печењето, бисквитот се превртува на друга хартија за печење и се вади долната.
Кога ќе се излади бисквитот, со калап вадете кругови (помали). Во врела вода додајте шеќер и 4 лажици млеко во прав и ставете на шпорет. Брашното и густинот измешајте ги во водата и кога ќе зоврие додајте ги во млекото и убаво израмнете со жица. Оставете да се излади целосно со често мешање.
Во пластичен сад додајте го претходно омекнатиот маргарин и 3 лажици шеќер во прав заедно со ванилиниот шеќер и убаво измешајте со миксер додека да се запени. Кога кремот ќе се олади, постепено го додаваме во маргаринот и сето тоа го мешаме во еднолична смеса-мазен крем.
На еден круг тесто нанесете малку крем, па покријте го со друг круг и премачкајте го околу колачот и извалкајте го колачето во кокосови трошки. Растопете го чоколадото и ставете по една кафена лажичка на секое капаче. Оставете да се излади во фрижидер некое време и послужете. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ. ДВОБОЈНИ РУСКИ КАПИ. Потребни состојки: 8 јајца, 250 г шеќер, 250 г брашно, 4 лажици вода, 2 лажици масло, ½ прашок за печиво, 10 г какао во прав. За фил: 200 г брашно, 400 г шеќер, 1 литар млеко, 300 г путер, малку арома од рум.
За декорација: 100 г кокос, 100 г мелени ореви, 100 г чоколадо за готвење, 50 г путер. Постапка: Одвојте ги белките од жолчките. Изматете ги белките во цврст снег, па додајте ги жолчките. Додајте вода, масло и шеќер, па добро изматете со миксер.
Промешајте брашно, прашок за печиво и какао во прав, па додајте го сето тоа заедно во смесата со јајца. Матете со лажица додека сите состојки убаво да се соединат. Подгответе голема тепсија за печење (плехот од рерната) или печете ја кората на двапати во тепсија 25х35 см.
Печете на 220 степени околу 15 минути, во зависност од вашата рерна. За фил: помешајте шеќер и брашно со малку млеко, па добро изматете со миксер. Загрејте го остатокот од млекото само малку без да биде премногу топло, па додајте ја смесата со шеќерот и брашното.
Варете со постојано мешање додека да згусне, околу 8-10 минути. Сварениот фил покријте го со проѕирна фолија или промешувајте го повремено за да не фати кора. Оставете да излади. Во пенесто изматен путер постепено додавајте го целосно изладениот фил.
Матете полека и додајте арома од рум. Матете со миксер околу 10 минути додека да добиете пенест и цврст крем. Кога кората е печена исечете кругови со чаша (величина по ваша желба) и започнете да ги филувате шубарите.
Ставајте повеќе фил без да притискате премногу. Потоа валкајте ги во кокос или мелени ореви. Растопете чоколадо и путер, па додавајте по лажичка чоколадо врз шубарата. Оставете да отстои барем еден час во фрижидер пред послужување.