Спектакуларен десерт кој се приготвува од главно три состојки, а истите ги имате во кујна. Верувајте дека штом еднаш ќе го направите, ќе посакате веднаш да го повторите рецептот и да направите нов ролат. Кората за ролат можете да ја премачкувате со џем по ваш вкус, но и со некој вкусен чоколаден намаз, по ваш избор. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 200 г шеќер, 200 г брашно, 1 прстофат сол, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 1 кесичка прашок за печиво (8-10 г). И уште: џем или чоколаден/лешников крем, кокосово брашно или шеќер во прав за наросување. Величина на плех: 28х32 см, се пече на 180 степени




ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете четири јајца на собна температура, додајте прстофат сол, една кесичка ванилин шеќер и 200 г кристален шеќер. Пенасто изматете со миксер додека целосно шеќерот да се растопи а јајцата да побелат и згуснат.




Во матените јајца додајте 200 г просеано брашно и една кесичка прашок за печиво (8 г), па промешајте со лажица или шпатула, полека со спори движења за да остане смесата воздушеста и пенлива.




Кога целосно ќе се хомогенизира и ќе се разбијат и најмалите грутчиња од брашното, смесата е готова. Плехот во кој ќе се пече бисквитот малку намастете го и обложете го со хартија за печење (се намастува на дното за полесно да се залепи хартијата). Плехот е со димензии 28х32 см.




Смесата излејте ја во подготвениот плех, па рамномерно распоредете ја и ирамнете ја површината. Малку протресете го плехот за да излезат евентуалните воздушни меурчиња. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 15 минути.




Печената кора оставете ја малку да подизлади, па извадете ја од плехот заедно со хартијата во која се печеше, па превртете ја врз друго парче хартија, а старата отстранете ја, па повторно превртете ја во положбата во која се печеше.




Преку целата површина премачкјате со некој џем или крем по ваш избор, па внимателно свиткајте во ролат. Свиткајте го во хартијата и така свиткан оставете го да се лади околу еден час. Не грижете се ако малку некаде напукне, сето тоа ќе се покрие со џем и наросен кокос.




После еден час премачкјате го ролатот со џемот по ваш избор, тоа може да биде и чоколадна глазура или растворен мед со малку вода. Наросете кокос, па сечете и послужете. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.