9 различни јадења од 3 состојки: полуготови ручеци за час, замрзнете и подгответе креативно. На овој начин ќе си заштедите и време и пари, а секогаш ќе имате при рака да зготвите набрзина кога ќе немате време.




Јас барем еднаш во месецот се затворам во кујната на 1 час и го спремам месото за да имам за цел месец. Кога немам време за готвење, си вадам подготвено месо од замрзнувачот и веднаш го печам или пржам, наместо да маринирам и да валкам постојано нови садови.




Како што вели мојата колешка: „Еднаш направи и после уживај“. Ќе ви бидат потребни следниве состојки: 700 г пилешки крилца, мало пакување батаци, 1 кг пилешки гради и следниве состојки по избор: сенф, кашкавал, сланина…




Постапка: Крилцата може да ги подготвите на 2 начини: Крилцата исечете ги на 3 делови односно крилото, месото и делот како батак. Деловите со крилцето тргнете ги настрана и сочувајте ги за подоцна. Од делот со батакот превртете го месото и малку спуштете го надоле низ коската.




Во една чинија ставете презла, 1 лажичка лук во гранули и 1 лажичка црвена слатка зачинска пиперка. Измешајте. Посолете ги крилцата односно батачињата и валкајте ги во презлата. Потоа ставете ги во зип кесичка и префрлете ги директно во замрзнувач.




За делот со месото: Подгответе маринада од 1 чешне изгмечено лукче, 2 лажици масло, 2 лажици соја сос, 2 лажици кечап и 1 лажичка кари зачин со 1/2 лажичка црвена слатка пиперка. Измешајте. Средишниот дел од крилцата ставете ги во зип кесичка и прелијте со маринадата.




Добро затворете и убаво промешајте за да стигне до секое месо. Ставете веднаш во замрзнувач. За пилешките гради: Ги сечете на 3 еднакви делови напречно за да добиете тенки стекови. Малку истенчете ги со кујнски чекан.




Зачинете ги со вегета или сол по вкус, премачкајте ги со тенок слој од сенф, наредете тенки листови кашкавал и парче тенко сечена сланина. Наместо сланина може да ставите кулен или шунка или сите да ги направите различно. Секое месо го виткате во ролат и го ставате во посебна кесичка добро зацврстено.




Пилешките гради може да ги направите и на следниов начин: исечете ги на тенки парчиња (прсти), зачинете со сол, премачкајте со сенф/мајонез и извалкајте ги во презлата која претходно ја направивте додавајќи малку сусам. Ставете ги во пластичен сад и завиткајте со кеса.




За батаците: Ставете ги во зип кесичка и прелијте со следнава маринада од сенф, ситно сечкан кромид свеж или како зачин, маслиново масло и лимон и ставете директно во замрзнувач. Од преостанатите крилца ставете ги во тенџере, прелијте со вода, додајте 2 средни главици кромид и варете некое време. Додајте и коцка за супа.




Течноста процедете ја и ставете ја во калапче за коцки мраз. Може да ја додавате кога готвите некое јадење. И уште еден рецепт: Градите исечете ги на коцки. Во еден сад скршете на парчиња леб и прелијте со вода и малку рендан кашкавал.

Сè изблендирајте сосе месото и додајте уште малку сув зачин и кашкавал. Од оваа смеса правете мали ќофтиња. А за ќебапчиња: Направете го истото само што во смесата додајте ситно сечкан кромид и црвена пиперка на коцки, па формирајте ќебапи. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.