Здраво на сите, денес ќе ви откријам како приготвувам младо и превкусно сирење на многу едноставен начин. Ставам јогурт во тегли, а потоа теглите ги ставам во тенџере со вода и ги варам. Пробајте го и вие овој начин, знам дека ќе ви се допадне, сирењето е многу вкусно. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: Јогурт со повисок % мм и сол, а по желба може да додавате лук, млад или стар кромид, власец, оригано, маслиново масло… На сирењето може да му додавате различни зачини и на тој да го направите ароматично, по сопствена желба и вкус.
ПОСТАПКА: Земете едно поголемо и широко тенџере, а на дното поставете кујнска, памучна крпа, превиткана во неколку слоја, така да го прекрива дното, а потоа внатре наредете ги празните тегли (помеѓу нив треба да има мало растојание, да не се допираат).
Земете некој јогурт кој содржи поголем процент на млечни масти, од 2,8% или 3,2% (јас користев од 2,8%). Ако не користите домашен јогурт, туку купечки од тетрапак, задолжително протресете го пред употреба.
Наполнете ги теглите со јогурт (оставете 2-3 прста под капакот, а потоа затворете ги со чисти и суви капаци, претходно премачкани со медицински а лкохол или стерилизирани во рерна. Проверете дали добро сте ги затвориле.
Во тенџерето налијте млака вода или вода на собна температура, така што нивото на водата ќе го преминува нивото на јогуртот од теглите. Ова е важно за да биде успешен рецептот, односно јогуртот убаво да се свари и да засири.
Потоа внимателно префрлете го тенџерето на рингла и гответе ги теглите на умерена температура. Штом водата зоврие, односно почне да струи, намалете ја температурата и варете ги теглите 20 минути.
По изминатото време исклучете ја ринглата и оставете ги теглите внатре во водата додека целосно да се изладат. За следниот чекот ќе ви биде потребно тенџере, цедалка која може да се потпре врз тенџерето и чиста стерилна газа (во неколку слоеви) која ќе се постави во цедалката.
Истурете ја содржината од теглите да се исцеди сурутката преку газа. Потоа соберете ја газата и убаво, со притискање на рацете, доцедете ја вишокот течност. Преку сирењето во газата поставете нешто тешко и оставете малку да отстои, околу 10-тина минути, за да се доцеди.
Додека сирењето се цеди, ситно исечкајте две чешниња лук и два страка млади кромитчиња. Извадете го сирењето од газата и поделете го на два дела. Во едниот дел ставете сечкан лук, а во вториот дел сечкан млад кромид. Посолете по вкус, а може да додадете и зачини по ваш вкус. Јас додадов власец и малку оригано.
Потоа сирењето промешајте го со лажица додека да се изедначат состојките. На крај додајте и една лажица маслиново масло и уште еднаш промешајте. Исто постапете и со втората половина во која додадовте кромид, микс од лут пипер и сол.
Добиените крем сирење складирајте ги во соодветни тегли. Се чува во фрижидер неколку дена. Деталите од целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.