На сите ни се добро познати вкусните торти кои се подготвуваат од палачинки, но ако досега не сте пробале солена пита од палачинки, веднаш запишете си го рецептот и во прва прилика направете ја бидејќи е превкусна.




Идеална за кога гости ќе ви се најават во последен момент дека ќе ви дојдат или кога децата се многу гладни па да им подготвите нешто брзо, а сепак вкусно. Јас ја правам вака уште многу одамна и досега ми нема здосадено, туку напротив ми е уште повкусна.




Потребни состојки за палачинки: 2 јајца, 400-450 мл млеко, сол, 4 лажици масло, 400 г брашно. За прелив: 1 јајце, 300 г сирење, 100 г спанаќ или блитва, 2 лажици рендан кашкавал. За фил: 1 јајце, малку кашкавал, 200 мл јогурт, 1 полна лажица кисела павлака и 100 мл млеко.




Постапка: Прво подгответе ја смесата за палачинки. Во еден сад скршете ги јајцата и добро измешајте ги. Додајте половина од млекото, 4 лажици масло, посолете и истресете го целото брашно. Убаво измешајте за да ги растргнете грутките.





Ќе се формира густо тесто кое ќе биде полно со грутки, но вие постојано мешајте. Постепено се додава остатокот од млекото додека да се формира ретко и мазно тесто без грутки. Палачинките се печат на класичен начин во намастено тавче по неколку секунди од страна додека да фатат боја.




Ако имате време можете да ја оставите смесата од палачинки да отстои 1 час во фрижидер за убаво да се измешаат состојките, но секако може и да го прескокнете овој чекор. Кога ќе ги испечете палачинките подгответе го преливот.




За преливот: 1 јајце убаво изматете го. Додајте го сирењето и малку издробете го со виљушка. Потоа додајте 100 г листови спанаќ кои претходно сте ги пропржиле во малку масло (доволно е 2-3 минути додека да омекнат). На крајот се додава ренданиот кашкавал и се се меша.




Земете една палачинка и на средина ставете малку од филот. Завиткајте ја од сите страни во правоаголник и редете во огноотпорен сад една до друга, а кога ќе го потрошите местото ги редите врз првиот ред со свитканите страни надоле.




На крај се подготвува филот од 1 јајце, малку рендан кашкавал, 200 мл јогурт, 1 полна лажица кисела павлака и 100 мл млеко. Се соединува во еднолична смеса и по вкус се додава сол и масло. Овој фил се прелива врз палачинките во садот, а одозгора може да наросите уште малку рендан кашкавал, но и не мора.




Се пече во претходно загреана рерна на 220 степени, 30-тина минути додека секоја палачинка фати убава коричка. Ова не е класичен рецепт кога палачинките се редат една врз друга и се филуваат, туку секоја палачинка е како посебно парче од питата. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.