ПОСНИ ОБЛАНДИ – еден од моите омилени славски колачи, со плазма и ореви, за брзо време се готови. Рецепт на CooKing. Овие обланди се подготвуваат многу лесно и брзо, а уште побрзо се јадат. Покрај сите десерти на славската трпеза, обландите си останале како најпосебните колачи кои секогаш први се јадат.




Потребни состојки: 200 мл вода (или млеко доколку не постите), 250 г посен маргарин (или путер), 150-200 г шеќер, 250 г посни мелени бисквити, 150 г ситно сечкани ореви и 1 големо пакување обланди.




Постапка: Сомелете ги во блендер оревите. Во тенџере ставете го маргаринот заедно со водата. Додајте го шеќерот и промешајте. Ставете на водата да зоврие и маргаринот да се растопи. Кога смесата ќе се соедини, тргнете од рингла.




Потоа додајте ги мелените ореви заедно со бисквитите, кои треба да ги додавате постепено додека да се изедначи смесата, со постојано мешање. Подготвениот фил ставете го настрана малку да се подолади за обландите да не ви излезат жилави.




Земете една кора и ставете ја на голем послужавник или на работна површина со рапавата страна кон горе. Ставете 4 лажици од оладениот фил и премачкајте рамномерно низ целата кора.

обланди со нутела




Одозгора ја ставате втората кора, повторно фил 4 лажици и сè така додека да го потрошите филот. На крајот завршувате со една кора која не ја премачкувате со фил. При редењето, како што ја ставате секоја наредна кора, важно е малку да ја притиснете со прстите пред да премачкате со филот.




На крајот обландите се покриваат со кујнска памучна крпа, одозгора се става нешто тврдо и се оставаат преку ноќ за убаво да се залепат во фрижидер или во некоја ладна просторија.




Следниот ден, ги сечете на правоаголници со големина по ваша желба и послужувате на славската трпза. Јас ги сечев како бајадери. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.




II РЕЦЕПТ. Неодоливи чоколадни обланди кои сите ги сакаат. Нема да промашите ако ги направите бидејќи ќе им се радувате како дете. Потребни состојки: 150 г ореви, 150-200 г шеќер, 200 г путер (или маргарин), 200 мл вода, 100 г чоколадо, 250 г мелена плазма, 1 пакување големи обланди.




Постапка: Загрејте го во тенџере путерот, шеќерот и водата. Кога водата ќе зоврие, додајте го чоколадото и почекајте да се растопи. Тргнете од шпорет и додајте ги мелените ореви и плазма.

Добро промешајте додека смесата да се соедини како во првиот рецепт.Оставете го филот настрана да се подолади некои 3-4 минути. На работна површина ставете една кора обланда со рапавата страна свртена кон горе.




Премачкајте со 4 лажици фил и така довршете ги останатите кори, редејќи ги една врз друга. Последната кора не се премачкува со филот. Колачот се покрива со крпа и врз него се става нешто тврдо (книга, тенџере…).

Ставете ги обландите во некоја ладна просторија или во фрижидер, така да oтстојат преку ноќ. Следниот ден исечете ги краевите, а обландите пресечете ги на правоаголници. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.