КРЦКАВО ЛЕПЧЕ со фил од компир и кашкавал, без печење и без јајца, се готви во тавче. Многу вкусно лепче кое може да замени цел оброк бидејќи е доста калорично. Се подготвува многу лесно, со неколку состојки кои се достапни за сите.
Внатре филот е со компир и кашкавал, а кога ќе го пресечете ќе уживате во пријатниот мирис, но најмногу во крцкавиот вкус. Сите што го пробаа се воодушевија и ми побараа во брзо време повторно да го направам.
Потребни состојки: 90 г бело брашно, 55 мл млеко, 10 г растопен путер, прстофат сол, 1 компир, 2 лажички мајонез, рендана моцарела. Ова е количина за 1 лепче, големина која излегува отприлика колку нормално тавче со дијаметар од 22 см.
Доколку сакате да правите поголема количина, тогаш месите друго лепче со истите состојки, но не ги соединувате заедно. Постапка: Во подлабок сад ставете го брашното. Додајте го млекото и растопениот путер и промешајте.
Додајте прстофат сол и замесете меко тесто кое ќе го формирате во топче. Нема потреба од многу месење бидејќи тестото треба да биде меко и воздушесто, доволно е да го месите вкупно 5 минути.
Завиткајте го тестото во проѕирна фолија и ставете го во фрижидер да отстои 1 час. Во меѓувреме измијте го добро компирот и излупете го. Исечете го на помали коцки и ставете го да се вари во тенџере со вода додека да омекне.
Кога компирот ќе се свари, издробете го со виљушка и во него додајте 2 лажички мајонез и соединете. По изминатото време, тестото извадете го од фрижидер и развлечете го со оклагија во круг со дијаметар од 22 см.
На средина од тестото додајте моцарела и испасираниот компир и врз него наросете уште малку рендана моцарела или некој друг кашкавал. Од страните каде што е празно тестото, започнете да го собирате како торбичка додека ги споите страните на врвот.
Потоа добро затворете го врвот и тестото превртете го на другата страна. Уште малку разлечете го со оклагија, нешто помалку од големина на тавчето во кое ќе се готви. Тавчето ставете го на рингла и премачкајте го со малку путер или масло.
Ставете го лепчето да се готви на ниска температура, а горната страна премачкајте ја со масло. Кога долната страна ќе добие златна боја, превртете го лепчето на непечената страна и гответе на истиот начин.
Потоа превртувате на првата страна каде што се печеше, готвите уште 2-3 минути и вадите и послужувате. Лепчето е многу вкусно и веднаш се јаде. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.