КОЛАЧ СЀ ПО 2: вкусен гриз колач со неверојатен вкус кој се топи во уста. На него се сетив додека гледав телевизија и веднаш станав да го направам. Знаете постојат многу вкусни рецепти за десерт, „досетки“ како што викаме ние ама ова е врв над врвовите.
Посебно за да смислиш рецепт, многу е важен соодносот на состојките, а оној кој го смислил овој колач, навистина му спуштам капа, бидејќи е многу лесен за памтење, а уште полесно се подготвува.
На пример, со овој колач не мора да мерите од состојките на кујнска вага, туку со една чаша од 200 мл може да направите фантастичен колач со неодолив вкус. Морам да ви кажам дека во моето искуство во кујната, сѐ што оди во иста количина ми излегувало највкусно.
Потребни состојки: 2 јајца, 200 г шеќер, 200 мл масло, 200 мл млеко, 200 г мелени ореви, 200 г пченично брашно (гриз), 200 г остро брашно, 2 изрендани јаболка, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, малку рум, 50 г џем од кајсии и уште 50 г ситно сечкани ореви.
Постапка: Во соодветен сад изматете ги јајцата, шеќерот и ванилиниот шеќер. Додајте го маслото, млекото, јаткастите плодови, гризот (пченичното брашно) и брашното што сте ги измешале со прашокот за печиво.
На крај измешајте ги ренданите јаболка и румот и смесата прелијте ја во намрсен и набрашнет плех (големина 20×35 cм). Подготвената смеса печете ја во загреана рерна на 190°C, 30 до 35 минути. Испечениот колач премачкајте го со џем од кајсии и декорирајте го со сечканите ореви.
Исечете ја тортата на коцки и послужете ја во чинија претходно наросена со шеќер во прав и цимет (по желба). На крајот наросувањето со ореви може да го замените и со мелени лешници или комбинација од двете.
II РЕЦЕПТ. БАСБОУСА – Арапски гриз колач. Слатко и сочно како од 1001 ноќ. Едноставен, а многу вкусен колач. Полн вкус на кокос ммммм…. Нема кој не го сака овој колач. Доволно е само еднаш да го пробате, а потоа често ќе го правите и ќе ви го бараат. Како мерка се користи една шолја од 250 мл.
Потребни состојки: 1 шолја шеќер, 1 шолја брашно, 1 шолја кокосово брашно, 1 шолја масло (јас користев половина), 1 шолја млеко или јогурт, 1 шолја гриз, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер и 3 јајца.
За сируп: 2 шолји шеќер (јас ставив една шолја ама тоа е по вкус, мене ми беше доволно слатко), 1 шолја вода и 2 лажици сок од лимон, портокал или ружина водичка.
Постапка: Изматете ги јајцата со шеќер и додајте ги останатите состојки. Мешајте додека да добиете изедначена смеса. Истурете ја во плех обложен со хартија и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 30 минути.
Во меѓувреме сварете сируп од шеќер и вода, додека да зоврие, па потоа додајте сок од лимон и гответе уште околу 1-2 минути. Врелиот колач прелијте го со топлиот сирупот и оставете добро да впие и да се излади, па потоа сечете на коцки.
Во некои рецепти може да се сретне дека пред печење се редат цели бадеми врз колачот. Се служи со кафе Бахарат, ориентален рецепт за кафе ароматизирано со каранфилче, цимет, кардамом и мускатно оревче. / Сoolinarika.com