Рецепт и видео презентација на Ивана од  „Шерпица” – Свечена бела чорба за слави и празници. Секогаш варам едно полно големо тенџере, па чорбата ја јадеме два дена. Мене ми е доволна како оброк и секогаш се дополнува уште по една или две чинии.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: Околу 1 кг пилешко месо со коски, а без коски е околу 600 г чисто месо, 200 г пашканат, 200 г магдонос, 350 г морков, 400 г компир, 250 г кромид, 100 г целер, 1 чешне лук, 150 г грашок, ловоров лист, магдонос, сол, црн пипер, сув зачин по вкус.




За легир: 200 г кисела павлака, 1 јајце, сок од еден лимон, 100 путер или масло, 1 полна лажица брашно.




ПОСТАПКА: Во поголемо тенџере ставете го измиеното месо и прелијте го со 5 литри вода и оставете да зоврие. После првото зовривање кога ќе се насобере пената, соберете ја и отстранете ја со помош на лажица.




За тоа време измијте го и излупете го зеленчукот, па додајте го заедно со месото. Коренестиот зеленчук исечете го на половина за да проверите дали и во средишниот дел плодот е здрав (се случува некогаш внатре да биде труло).




Оставете да се вари на умерен оган додека сите состојки да омекнат. Треба да се вари под капак, малку подотворен (преку тенџерето ставете дрвена лажица, а потоа капакот). Потоа со решеткаста лажица или штипалка извадете ги состојките, оставете да се подизладат, па ситно исечкајте ги.




Во посебен сад растопете путер и кратко пропжете го брашното. Црпнете половина литар од супата и додајте во прженото брашно и промешајте. Додајте го исечканото месо и зеленчукот, остатокот од супата, ситно сечкан магдонос и варете уште 15-20 минути.




Во меѓувреме додајте ги зачините по вкус и желба. Кога ќе ја тргнете супата од рингла, во неа додајте го приготвениот легир: изматете јајце заедно со кисела павлака  и лимонов сок. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.