Меките кифлички кои се топат во уста се гордост на секоја мама и баба.

Нема дете кое не сака кифлички, а ниту ние возрасните не можеме да им одолееме. Овие слатки кифлички се полнети со пудинг од ванила, а вие можете да одберете вкус по желба. Меко тесто, кремасто полнење, мирис кој привлекува…

Потребни состојки за тесто:

500 г меко брашно

250 мл млеко

100 мл масло

4 лажици шеќер

1 јајце

1 коцка свеж квасец

1 кесичка прашок за печиво

1 прстофат сол

За фил:

1 кесичка пудинг од ванила

300 мл млеко

5 лажици шеќер

Постапка:

Прво сварете го пудингот според упатството од кесичката. Оставете пудингот да се излади.

Во длабок сад, во кој ќе месите, ставете топло млеко, квасец и шеќер. Оставете квасецот да се активира. Додадете масло, белка од јајце и сол (жолчката ја оставаме за премачкување). На крај додадете брашно и прашок за печиво и измешајте мазно тесто.

Тестото префрлете го на побрашнета работна површина. Поделете го на четири топки. Секоја топка развлечете ја во поголем круг и поделете го на 8 тријаголници приближно со иста величина.

На секој тријаголник ставете по лажица пудинг и внимателно завиткајте во форма на кифла, така што пудингот ќе биде добро преклопен за да не истече при печењето. Кифличките редете ги на голем плех обложен со хартија за печење.

Оставете ги кифличките да отстојат околу 15 минути, таман да се загрее рерната на 200 степени.

Пред печењето премачкајте ги кифлите со разматена жолчка. Печете ги кифлите додека да заруменат, околу 20 минути. Кога ќе бидат печени, наросете ги со шеќер во прав. Уживајте во вкусот!