Ако ги сакате компирите исто колку мене, сигурно постојано сте во потрага по нови рецепти за да пронајдете уште некој различен начин за нивно приготвување. Денес, за читателите на НМД ќе ви прикажеме еден нов начин за приготвување кој ни доаѓа од Русија: вкусен компир со кромид и млеко.




Компирот приготвен на овој начин е многу вкусен и има оригинален изглед. Може да го приготвите не само за семејната вечера, туку и за празничната трпеза. За посна верзија млекото заменете го со вода или доматен сос, а може да користите и оризово, незасладено млеко, на пример.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг компири, 2-3 главици кромид, 50-60 мл масло или растопен путер (може и мешавина), 350-400 мл млеко, црвен пипер, една лажичка зачински билки, сол и црн пипер по вкус




ПОСТАПКА: Измијте ги компирите, излуоете ги па исечете ги на многу тенки лентички, како за мусака. Уште подобро доколку имате ренде за сечење тенки листови – искористете го него за да го скратите времето.




Кромидот исто така, исечете го на тенки листови, прстени, полумесечинки, или како вам повеќе ви одговора.




Во тркалезна тава или калап за торти/тепсија, претходно намастена со малку масло, наредете ги сечканите листови од компир. Редете ги еден до до друг надоврзано, така да се прекрие целото дно.




Врз компирите наредете слој прстени од сечкан кромид, па зачинете со сол, црн пипер и други зачини по ваш избор. Продолжете со наизменичното редење на компири и кромид, па меѓу секој слој не заборавете да зачинете и да наросите малку масло.




Последниот слој завршете го со листови од компир. Залијте ја „погачата“ од компир со млеко, зачинете и наросете масло одозгора. Потоа завиткајте со алуминиумска фолија (кој сака, под фолијата може да стави и парче хартија за печење).




Вака приготвениот компир ставете го во загреана рерна на 200-220 степени да се пече околу 40-45 минути. Потоа отстранете ја фолијата, намалете ја температурата на 180 степени и печете уште половина час.




Секако, печењето прилагодете го на вашата рерна, а времетраењето секогаш зависи од тоа колку тенки сте ги исекле парчињата компир, па така, ова „погача“ може да биде и побрзо готова.




Сечете на триаголници и послужете. Одозгора можете да наросите ситно сечкани зелени перца од млад кромид или свеж магдонос. Повеќе интересни идеи можете на погледнете на каналот ОВДЕ.