Вистински освежителен колач на кој му нема рамен. Секојпат кога кога одам во слаткарница и ќе изедам едно парче трилече, после ми е срам да земам уште едно….
…Ете толку го сакам овој колач што почнав дома си го правам за да уживам во него колку што сакам. Еве еден преубав рецепт кој лесно се прави, а уште полесно ќе испари…Кога ќе го пробате, ќе ви стане омилениот колач!
Потребни состојки: 6 јајца, 100 г шеќер, 200 г брашно, ½ прашок за печиво и 1 ванилин шеќер. За прелив: 400 мл слатка павлака, 300 мл кондензирано млеко и 800 мл обично млеко. За домашен карамел: 200 г шеќер и 200 мл слатка павлака
Постапка: изматете ги белките па постепено додавајте шеќер и ванилин шеќер. Кога се добро изматени, додавајте една по една жолчка, изматете, па полека додавајте го брашното измешано со прашок за печиво.
Кога ќе го додавате брашното исклучете го миксерот и мешајте со лажица за да остане пенлива смесата. Компактната смеса излејте ја во тепсија обложена со хартија и печете околу 20-25 степени во претходно загреана рерна на 180 степени.
Оставете кората малку да излади па извадете ја од тепсијата и со нож избоцкајте ја на неколку места. Во тепсијата излејте ја слатка павлака, па потоа во неа ставете ја кората наопаку превртена (делот кој бил горе сега иде долу).
Оставете да отстои 10-тина минути, па потоа измешајте го млекото со кондензираното млеко, па со него прелијте ја кората одозгора. Оставете малку да отстои за да се впие млекото, па премачкајте со карамелата. Добро изладете и уживајте во колачот.
СОВЕТ: за овој колач многу е важно да направите многу добар карамелен крем бидејќи токму тој е клучниот вкус на овој колач. Постапка за приготвување на карамелниот крем: Ставете го шеќерот во подлабока тава (со посветла внатрешност за полесно да ја одредите бојата на карамелот) и загрејте го на оган мешајќи додека да се растопи.
Кога ќе се стопи престанете да мешате и почекајте шеќерот целосно да се растопи и да добие темно златна боја. Не го препржувајте зошто ќе има горчлив вкус. Слатката павлака на собна температура или малку загреана турете ја во карамелизираниот шеќер.
Внимавајте бидејќи ќе прска. Бидејќи шеќерот во прв момент ќе се скамени, гответе на тивко до средна температура додека да се растопи во павлаката. Продолжете со готвење, со постојано мешање додека да згусне и да стане кремасто.
Оставете карамелот малку да подизлади па прелијте го врз колачот. Малку протресете за да се израмни, а по некое време ставете го целиот колач во фрижидер. Овој колач е рај за сите љубители на сочните колачи.