ВКУСЕН ДЕСЕРТ ОД 3 СОСТОЈКИ, СÈ СЕ МЕША ЗА 1 МИНУТА, без брашно, масло, јајца и без печење. Рецепт на Вкусна Минута. Многу вкусен колач од чоколадо кој ќе ве воодушеви оваа есен.
Го нарекувам есенски бидејќи се подготвува неверојатно брзо, а сега е сезона на релак-сирање, кога надвор времето заладува, а вие си седите дома на топло. Седење покрај прозорецот со најдобрата пријателка и послужување на еден ваков колач со чаша кафе. Мммм, нема нешто поубаво..
Потребни состојки: 375 мл кокосово млеко, 170 г чоколадо, 220 г овесни снегулки, 100 г јаткасти плодови (по избор). Јас користев мешавина од ореви, бадеми, индиски ореви, лешници.. Секако, овој колач е и за оние кои имаат дигестивни тегоби поради лактозата во обичното млеко и им прави проблеми на стомакот.
Постапка: Во тенџере додајте го млекото. Ставете го на рингла вклучена на средна температура и почекајте да се загрее, но не до степен да зоврие. Чоколадото исечкајте го на помали парчиња.
Кога млекото ќе се загрее, се додава чоколадото и со постојано мешање се растопува додека да се добие еднолична смеса-чоколаден прелив. Потоа малку намалете ја температурата на минимум.
Во растопеното чоколадо додајте ги овесните снегулки и мешајте додека да се формира смеса. Оставете ја смесата да се готви на тивко околу 5 минути, но внимавајте да не ви загори (треба постојано да се меша).
Понатаму, доколку користите јаткасти плодови, потребно е да ги изблендирате во блендер. Јаткастите плодови даваат преубав вкус на колачот, многу го збогатуваат, изобилуваат со растителни влакна и потсетуваат на вкусот на есента.
Смесата од мелени јаткасти плодови се додава во тенџерето и сè убаво се меша до соединување. Потребно е подеднакво да се распоредат состојките, а овој дел е најтежок од подготовката на колачот бидејќи смесата е многу густа и потешко се меша.
Потоа, тргнете го тенџерето од рингла. Во калап со флексибилен обрач со пречник 18 цм или слична големина и обложен со хартија за печење, излејте ја смесата, распоредете еднакво и израмнете, па оставете да се олади на собна температура.
Може да користите и калап со друга големина, но големината и висина на колачот ќе бидат различни. Во секој случај, тоа не го менува вкусот, а со калапот како што користев јас, колачот излезе со средна големина и висина.
Ставете во фрижидер да се стврдне околу 4 часа и потоа послужете со сечење на триаголници (како торта). Послужете со кафе или чај. Нема потреба од излевање на глазура бидејќи колачот има многу богат вкус кој го даваат јаткастите плодови. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.