Еве една интересна идеја за ручек. Се замесува тесто за ќофтиња, се прават топчиња и се редат во тава врз сечкан кромид.
Доколку ги сакате ќофтињата средно печени, тогаш веднаш наредете ги и останатите намирници, а тоа е рендан компир и кашкавал врз секое ќофте. Доколку ги сакате „реш“ печени, тогаш прво потпечете ги, па потоа додајте ги останатите состојки. Еве што е потребно за приготвување:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г кромид (3 главици), 800 г мелено месо, 3 чешниња ситно рендан лук, 5 г сол, 3 г црн пипер во прав, 5 г црвен пипер во прав, 5 г коријандер во прав, 350 г компири, 2 јајца, 120 г рендан кашкавал, 30 г мајонез
ПОСТАПКА: три главици кромид исистете ги, а потоа исечкајте ги на полумесечинки. Наредете ги врз малку намастен плех со димензии 35х35 см. Во меленото месо додајте мелен лук и зачини како сол, црн пипер, црвен пипер, коријандер или оригано, како и зачини по ваш личен вкус.
Всушност, смесата за ќофтиња можете да ја приготвите и според некој ваш личен рецепт. Смесата убаво измесете ја со рака додека сите зачини да се распоредат и соединат со месото. Потоа со рака вадете од смесата и формирајте ги ќофтињата.
Од оваа количина излегуваат девет ќофтиња со средна величина. Наредете ги врз кромидот во плехот. Ако ги сакате ќофтињата убаво печени, тогаш ставете ги во загреана рерна на 180 степени и печете ги 15-тина минути. Доколку ги сакате средно-печени, тогаш продолжете по следнава постапка:
Врз секое ќофте наросете по малку варено јајце. За овие девет ќофтиња потребни ви се вкупно две големи варени јајца. Освен јајца, ќе ви биде потребен и еден полуварен компир. И него изрендајте го врз ќофтињата, а вкупно ќе ви бидат потребни 350 г.
СОВЕТ: може да ставите и сиров компир, но откако ќе го изрендате ќе треба добро да го исцедите со рака. Врз секое ќофте ставете и по малку рендан компир, а најодозгора додајте си ситно рендан кашкавал.
Со помош на готвачки шприц наросете и малку мајонез. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени вкуспно околу 25-30 минути. Доколку ќофтињата одлучивте да ги печите повеќе, тогаш некаде на средината од печењето извадете ги од рерна, па наросете ги со сите претходно наведени состојки и вратете ги во топлата рерна да се допечат уште 10-15 минути.
Во видеото што можете да го погледнете подолу на линкот, прикажан е едниот начин, како се приготвува средно-печени ќофтиња. Се послужуваат гарнирани со кромидот. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.