Повеќето експерти препорачуваат да се пие појако кафе во помала количина. Но, како да се свари едно такво јако кафе? Грешката која многумина ја прават, всушност го влошува вкусот на кафето, но за среќа постои едно правило според кое се вари овој вкусен топол напиток кој излегува совршен, токму каков што го сакате.




Дали сакате посилно и горчливо кафе или повеќе сте за слатко кафе? Иако и двата топли напитоци не се исклучуваат меѓусебно, многумина прават грешка кога сакаат да добијат напиток со поинтензивен вкус.




Домашното турско или македонско кафе, како што се нарекува, традиционално се приготвува во речиси секој дом и обично се пие наутро. За многумина способноста за варење на добро кафе се смета за мерило според кое се оценува вештината на домаќинката.




Ако кафето е добро сварено, тогаш низ шега се вели дека девојката што го сварила е добра домаќинка и „спремна е за мажење“, а тоа значи дека го погодила вистинскиот однос на кафето, водата и ако е потребно, на шеќерот.




Секој си има свој омилен начин за приготвување на кафе, а како „правилно“ се вари, и дали треба да се користи вода од чешма за подготовка, кога е најдобро да се пие, објаснија експертите и укажаа на некои грешки кои многумина ги прават.




Она што повеќето го прават кога сакаат да приготват посилно кафе, какво што повеќето во Македонија го пијат овој топол црн напиток, е всушност додавање на поголема количина кафе. Ова е голема грешка. Тоа е исто како да сакате густа супа, па во истата количина вода да ставите две кесички, со што добивате пресолена и речиси нејадлива супа.




Доколку ставите премногу кафе, ризикувате напитокот да го направите киселкаст. Всушност, и покрај всаденото мислење, поголемата количина на овој црн прав нема да го интензивира вкусот на напитокот.




Постои само одредена количина на кофеин кој може да се „извлече“ од зрното, а со повеќе или помалку можете само да го расипете вкусот на овој напиток. Секако ова не важи доколку токму таков вкус сакате: „разреден“ или „киселкасто-горчлив“.




Вкусот на топлиот напиток зависи од квалитетот на кафето, неговата изложеност на воздухот отако било сомелено зрното, брзината на екстракција но и од односот меѓу водата и кафето.




Златното правило за варење кафе е 2 лажички свежо мелено кафе помешано со 170 милилитри ладна вода. Но не каква било вода, особено не од бојлер. Најдобар вкус на кафето се добива со изворска вода, но во недостиг на таква, ќе послужи и ладната вода од чешма.