Со оваа чоколадна торта ќе внесете многу корисни состојки во вашиот организам. Многу е вкусна, едноставна и се приготвува многу брзо. Не ви е потребна ниту рерна. Главната состојка се овесните снегулки.
Па, доколку вашите деца не ја сакаат овесната каша, бидете сигурни дека оваа торта ќе ја обожаваат. Во продолжение можете да прочитате уште еден рецепт, за диетални палачинки кои се претвораат во многу вкусен чоколаден десерт.
РЕЦЕПТ 1: Потребни состојки: 375 мл кокосово млеко, 170 г црно чоколадо со 80% какао, 220 г овесни смегулки. Количината е предвидена за калап за торти со пречник од 18 см. Доколку сакате да приготвите поголема количина, сразмерно зголемете ги количините.
ПОСТАПКА: Ставете го кокосовото млеко во тенџере и ставете го на оган. Загрејте го на умерена температура за да може во него да се растопи чоколадото. Во меѓувреме исечкајте го ситно чоколадото, па прелијте го со топлото млеко и мешајте додека да се растопи.
Во хомогената чоколадна смеса додајте ги овесните снегулки. Промешајте, па добиената смеса излејте ја во калап со дијаметар 18 см, обложен со хартија за печење.
Израмнете добро и одозгора покријте со стреч-хартија. Оставете во фрижидер 3-4 часа. По изминатото време колачот е спремен за послужување. Деталите погледнете ги ОВДЕ. Прочитајте го и следниот рецепт за диетални палачинки:
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 80 г овесни снегулки, 5 г прашок за печиво, 10 г какао во прав, 40 г кисела павлака или густ јогурт, 250 г маскарпоне (или друго крем сирење), 2 банани
ПОСТАПКА: Во блендер ставете две јајца, додајте ги овесните снегулки (80 г), една лажичка прашок за печиво (5 г), една супена лажица какао во прав (10 г) и 40 г густ „грчки“ јогурт или кисела павлака.
Добро измиксајте неколку минути додека сите состојки да се изедначат во една хомогена смеса. Добиената смеса поделете ја на два еднакви делови, во различни садови.
Едната половина излејте ја во нелеплива тава за палачинки, разлејте ја подеднакво преку целата површина, и печете на средна температура 2-3 минути. Превртете ја „палачинката“ и печете уште 1 минута.
Печената кора префрлете ја во друг сад, па на ист начин испечете ја и втората тенка кора. Потоа корите исечете ги на четвртини. Во посебен сад пенасто изматете го маскарпонето. Бананите исечете ги на тенки тркалца.
Започнете со редењето: секоја четвртина премачкјате ја прво со маскарпоне, па врз него наредете банани. Продолжете со редењето додека да завршите со последната четвртина-кора и маскарпоне. Одозгора наросете какао во прав. Деталите погледнете ги ОВДЕ.