Во што се разликуваат „полските“ од „нашите сарми“? Ајде да видиме како ги приготвува полјанката Џени. „Здраво, денес ќе ви покажам како се приготвуваат сарми. Патем, јас потекнувам од Полска и пораснав помагајќи му на татко ми во кујната, особено кога ги приготвуваше овие ролнички од зелка.




Мојата верзија на овие сарми е поздрава. Многу е важно да одберете убава мазна и здрава главица зелка. Отстранете и го „кочанот“, тврдиот, средишен дел, и зелката ставете ја во големо тенџере со зовриена вода (на умерена температура). Поклопете со капак.




Вака треба да отстои 10 минути (или да се готви на многу ниска температура), колку зелката да омекне за да можат листовите да се виткаат. За тоа време можете да го приготвите филот од мелено месо. Јас секогаш започнувам со кромид и лук. Значи исчистете една мала главица кромид и ситно исечкајте ја. Исто така, и едно чешне лук.




Во тава загрејте една супена лажица маслиново масло (татко ми ставаше путер) и додајте го сечканиот зеленчук. Пропржете го приближно пет минути колку кромидот да омекне и да застакли со непрекинато мешање, на умерена температура.




На страна измијте и ситно исечкајте на коцкички 100-200 г печурки (две големи печурки) и додајте ги во запржениот кромид и заедно пржете ги уште 2-3 минути. Вкупно пржењето трае околу 8 минути, додека и печурките малку да заруменат.




Целата смеса префрлете ја во подлабок сад и оставете да се олади. Ова мириса предобро, можете да си замислите: кромид, лук и печурки… За тоа време зелката е веќе готова. Многу внимателно со помош на две лопатки извадете ја од врелата вода и префрлете ја во некој широк плех, поставен веднаш до тенџерето.




Водата од тенџерето не ја фрлајте, ќе ви биде потребна за подоцна. Проверете ја зелката дали доволно омекнала (ако не, ќе треба да ја вратите во врелата вода): превртете ја наопаку (од страната со пресечениот кочан) и со помош на две виљушки обидете се да ги одвоите листовите. Ако лесно се одвојуваат, значи дека зелката е доволно омекната.




Вака оставете ја зелката малку да се олади за да можете да ракувате со неа. Во подизладената мешавина од печурки, кромид и лук ставете 150-160 г ориз, 1 рака сечкан свеж магдонос, 1.5 лажичка сол и свежо мелен црн пипер по вкус.




На крај во оваа мешавина додајте 450-500 г мелено месо и околу 100-200 г доматен сос по вкус. Месото претходно не треба да се пржи, се става сирово. мешавината можете да ја измешате со лажица, но најдобро се меша со раце. Затоа ставете ракавица и добро измесете ја смесата додека сите состојки да се изедначат.




За ова време и зелката веќе е оладена и од неа може да се вадат листовите. Гормите листови тргнете ги на страна и искористете ги за да ги покриете сармите на крај, при готвењето.

Вадете ги добрите листови и со мал, тенок нож отсекувајте ги задебелените делови, за на тој начин да добиете перфектно тенок и рамен лист. Срцевината и тврдите листови вратете ги во врелата вода за да омекнат уште малку. Добив 16 големи листови, па според тоа, смесата најдобро е да се подели на 4 делови (а потоа на четвртини) за рамномерно да се филуваат листовите.




Во секој лист ставете фил, внимателно завиткајте го (како што е прикажано во видеото на линкот) и сармата редете ја во претходно подготвен плех. Сармите се виктаат слично на кифлички. Откако ќе го исполните плехот, сармите прелијте ги со една чаша течност (180-200 мл) по ваш избор (вода, течноста во која се вареше зелката, база за говедска супа).

Во течноста додајте 4 супени лажици доматен сос и промешајте, па залијте ги сармите. Одозгора наредете ги преостанатите листови од зелка, малку напрскајте масло, завиткајте го плехот со алуминиумска фолија и ставете да се пече во загреана рерна.

Ако користите плиток плех како мојот, може да ви претекува при вриењето, па затоа ставете го врз еден поголем плех за да не ви се валка рерната. Печете на 180 степени, еден ипол час. По изминатото време оставете уште половина час за да се соединат вкусовите. Деталите од презентацијата погледнете ги ОВДЕ.