ВАКА РУСИТЕ ПОДГОТВУВААТ АЈВАР – СЕ РАЗЛИКУВА ОД НАШИОТ ВО ЕДНА СОСТОЈКА: без печење и лупење пиперки. Ајварот се смета за традиционална зимница од нашите краишта која што се подготвува на почетокот на есента. Нема кој не го пробал, а се смета и за омилениот зимски намаз во нашите краишта.
Иако, готвењето и подготовката на зимница не се прават толку често како во минатото и луѓето најчесто наоѓаат конзервирани зимници преку целата година, на многумина им е познато дека подготвувањето на зимница може да одземе доста време и да извалка многу кујнски садови.
Во продолжение прочитајте го рецептот на руските домаќинки кои го „усовршиле“ рецептот на подготовка на ајвар, а зимницата ја подготвуваат брзо и лесно, без печење и лупење на пиперките.
Тие покрај брзиот рецепт за ајвар додаваат и уште една состојка, која се смета како „клучна“ за добриот вкус на зимницата. Иако може да ви изгледа чудно, сигурно би било интересно да пробате да ја додадете нивната тајна состојка.
Тие во ајварот додаваат кисели јаболка. Веројатно ќе помислите дека јаболката не одговараат со ајварот и дека оваа состојка многу го менува вкусот на кој сме научени, но ќе се изненадите кога ќе го пробате.
Јаболката даваат густ и богат вкус, а додавањето на една лута пиперка на оваа количина дава совршен пикантен вкус, доколку сте љубители на лутото. Во продолжение прочитајте го рецептот:
Потребни состојки: 1 кг црвени пиперки, 500 г домати, 500 г кисели јаболка, 300 г кромид, 1 главица лук, 2-3 моркови, 50 мл масло, 2-2,5 лажици сол, 5 лажици шеќер, 2 лажици оцет 6%, лута пиперка по вкус.
Постапка: Подготовката речиси и не се разликува од другите рецепти за ајвар. Само јаболката треба да се излупат од и да се отстранат семките и дршката. Целиот зеленчук се мие, се чисти и се сече на мали парчиња.
Може да додадете и една лута пиперка по вкус, а доколку сакате поостар вкус може да ставите неколку помали лути пиперчиња. Намирниците може да се исечкаат/сомелат во блендер, но треба едно по едно да ги блендирате сите состојки.
Ситно исечканиот/изренданиот морков пропржете го во загреано масло во големо тенџере, околу 10-тина минути. Додајте ги доматите, пиперките, јаболката, кромидот, лукот и лутата пиперка исто така ситно исечкани. Гответе на умерено-силен оган 30-40 минути.
Целата течност треба да испари и масата да добие густина во конзистентност како доматно пире. На крајот на готвењето, 5-10 минути пред да го тргнете тенџерето од оган, додајте сол, шеќер и оцет.
Ајварот се складира во чисти, стерилизирани тегли, добро се затвора со капак и се остава да се излади. Се служи како мезе, во комбинација со месо, но највкусно е за јадење доколку се намачка на потпечено лепче со сиренце.