Тукушто пронајдов рецепт со кој на најлесен начин се приготвуваат кроасаните. Овие печива не се исти како и обичните кифли, па затоа и тестото е поразлично. Тестото за кроасани е потешко и подобро се обликува. Во рецептот ќе пронајдете неколку корисни совети за подготвувањето на ова тесто.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г брашно, 4 г сув инстант квасец (1/2 супена лажица), 25 г шеќер (2 супени лажици), 1 јајце (50 г), 145 г млеко, 3 г сол, 20 г несолен путер + 90 г путер несолен путер за премачкување. Кроасаните се печат 10 минути на 200 степени и уште 6 минути на 180 степени.




ПОСТАПКА: Во подлабок сад за месење скршете едно јајце кое претходно отстојало на собна температура, па додајте шеќер, квасец и млако млеко. Изматете со лажица или шпатула додека смесата убаво да се изедначи а шеќерот да се растопи.




Потоа започнете постепено да го додавате брашното додека постојано мешате. Додека можете служете со лажицата, а потоа замесете го тестото и со рака, додека да добиете убаво компактно, мазно тесто кое не се лепи, но е доста потешко и „потврдо“ од обичните лебни теста.




Добиеното тесто малку развлечете го со дланките, а во средината ставете 20 г омекнат путер, па затворете го и тестото и доработете го. За само неколку минути путерот ќе се инкорпорира во тестото и тоа ќе стане совршено мазно и еластично.




Не треба да го оставате да стасува, туку веднаш поделете го на 9 еднакви делови. Од секој дел формирајте топче кое тежи приближно 60 г. Формираните топчиња покријте ги со проѕирна фолија за да не се сушат и оставете ги да одморат 15-тина минути.




Секое топче ставете го врз набрашнета работна површина и развлечете го со оклагија во тркалезна кора со дијаметар од околу 20 см. Потоа секоја кора треба да ја премачкате со приближно 11 г омекнат путер (вкупно 90 г за сите кори, освен последната)




Вака наредените кори ставете ги во некој сад и завиткајте го тестото, па оставете го 20 минути во обичен фрижидер доколку е зима, а летно време најдобро е тестото да отстои исто така, 20 минути, но во замрзнувач.




Потоа извадете го тестото и ставете го на набрашнета работна површина и користејќи подебела оклагија развлечете го во една голема тркалезна кора (40 см) (постојано вртете ја кората додека ја развлекувате, така да ја опфатите од сите агли, па ќе го задржите тркалезниот облик). По потреба наросувајте со брашно и превртувајте ја кората.




Потоа кората исечете ја на колку сакате триаголници (во овој случај на 12), па започнувајќи од пошироката страна, секој кроасан внимателно свиткајте како кифла и малку подвиткајте ги краевите. Вака приготвените кроасани наредете ги во плех обложен со хартија.




Покријте ги со проѕирна фолија и оставете ги да ги стасуваат. За кросаните потребна е само една подолга ферментација во времетраење од 2-3 часа, а температурата се препорачува да не е повисока од 28 степени. Откако ќе стасаат одозгора премачкјате ги со јајце.

Рерната добро загрејте ја на 200 степени, па ставете ги кроасаните да се печат прво 10 минути, а потоа намалете ја температурата на 180 степени и продолжете го печењето уште 6 минути. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.