КРЕМ БАНАНА КОЦКИ, повкусни се од купечките бананчиња, многу лесен, вкусен и нискокалоричен колач. Рецепт на Домашен Кувар. Вкусен крем банана колач, има ист вкус на крем бананчињата што сите сме ги јаделе некогаш, а не содржи додатни шеќери, конзерванси и адитиви.
Се состои од 3 слоја, а го правам скоро секој викенд. Интересно е тоа што не содржи банани, се става само екстакт од банани, а вкусот е феноменален. Познавам многу луѓе кои не се љубители на бананите ама кога го пробаа овој колач, потоа ми побараа уште едно парче.
За да го подготвите бисквитот ќе ви бидат потребни следниве состојки: 5 јајца 9со средна величина), 5 супени лажици шеќер, 2 супени лажици какао, 2 супени лажици брашно, 12 г прашок за печиво или 1 кесичка.
Потребни состојки за преливање (шеќерен сируп / агда): 100 мл вода и 3 лажици шеќер. За фил: 2 кесички пудинг со вкус на ванила, 5 лажици шеќер, 500 мл млеко, 100 г шеќер во прав, 125 г путер / маргарин, 20 мл екстракт од банани.
И уште: 200 г чоколадо за готвење и 7 лажици масло за подготовка на глазурата. ПОСТАПКА: Во подлабок сад се додаваат 5-те јајца, заедно со 5 лажици шеќер, па се мати со миксер додека да се добие фина течна смеса.
Потоа се додаваат какаото, брашното и прашокот за печиво, па се промешува со рачна маталка до соединување. Кога ќе се хомогенизира смесата и ќе стане кафеава, се прелива во правоаголна тава, малку намастена и набрашнета и добро се измазнува.
Бисквитот се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 15-20-тина минути. За подготовка на шербетот: Во мало тенџерче се додава водата и шеќерот, се промешува, па се става на рингла да се загрее нешто до пред зовривање на водата.
Врелиот шербет се прелива врз печениот колач од сите страни, а посебно обратете внимание на аглите кои најчесто остануваат суви. За подготовка на филот: Во подлабок сад ставете го прашокот од 2 пудинзи од ванила.
Додајте го шеќерот и 100 мл млеко и промешајте со рачна маталка за да не се направат грутки. Преостанатите 400 мл млеко ставете ги во тенџере на рингла и почекајте да зоврие млекото.
Потоа додајте ја смесата со пудинг и гответе на умерена температура додека да ја добие посакуваната густина. Тргнете го тенџерето од рингла, а пудингот покријте го со проѕирна фолија за да не фати коричка и оставете да се олади.
По ладењето, изматете го пудингот со миксер малку да се разреди, па додајте шеќер во прав и повторно изматете со миксерот. Потоа додајте го путерот, претходно отстојан на собна температура, заедно со екстрактот од банана и изматете сè заедно.
Вака подготвениот фил, прелијте го врз оладениот бисквит и добро распоредете го, на сите страни подеднакво. На крајот, преостанува да го растопите чоколадото за готвење со 7 лажици масло.
Топлата глазура од чоколадо се прелива врз филот од банани и исто така добро се распоредува. Почекајте малку да излади во фрижидер пред да почнете со сечење за да не ви се разлее чоколадото насекаде. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.