ПОЛНЕТИ ЦЕЛУВКИ – СЛАТКИ КОЛАЧИ КОИ СЕ ТОПАТ ВО УСТА, ЗА 20-ТИНА МИНУТИ СЕ ГОТОВИ. Вкусни полнети целувки/пуслици, кои заситуваат по 2-3 парчиња со интересен изглед.

Можеби на прв поглед ќе ви изгледаат како принцес крофни, но овие полнети целувки се нешто сосем необично и различно од оригиналните. Иако, и тие се многу вкусни, подолу може да прочитате уште еден рецепт за оригинални битолски целувки.




Значи, ќе ви бидат потребни следниве состојки: 4 јајца, 320 г шеќер, 1 лимон, 100 г кокосово брашно. За фил: 150 г шеќер во прав, 100 г кокосово брашно, 100 г млечно чоколадо, 150 г путер / маргарин.




ПОДГОТОВКА НА ФИЛУВАНИТЕ ЦЕЛУВКИ: Одвојте ги жолчките од белките. Изматете ги белките со миксер и додајте го сокот од лимон. Кога ќе добијат пенаста конзистентност додајте го шеќерот и смесата префрлете ја на пареа додека се уште матите со миксерот.




Кога смесата ќе стане цврста и сјајна, тргнете ја од садот со пареа и додајте го кокосовото брашно. Малку промешајте, па оставете да се излади. За филот: Со миксер изматете ги жолчките и шеќерот во прав.




Ставете го садот на пареа и додајте го чоколадото скршено на коцки. Оставете го кремот да се излади настрана. По ладењето додајте го путерот и кокосовото брашно. Изматете со миксер до изедначување.




Наполнете еден кујнски шприц со смесата за целувки и формирајте ги колачите на плех за печење обложен со хартија. Печете 15 минути во претходно загреана рерна на 200 степени.

Првата целувка ја филувате, па одозгора ставате друга како сендвич. Вака ги подготвувате и другите целувки/пуслици, па затоа кога ги формирате со лажица или слаткарски шприц, не ги правете многу големи. / Сооlinarika.com




Следниот рецепт е подготовка на СНЕГУЛКИ ЦЕЛУВКИ/ПУСЛИЦИ. Целувките може да ги правите на многу начини, но ретко кој умее да направи уникатни со комбинирање на состојки и вкусови. Се прават со кокос, па затоа се нарекуваат снегулки.




Овие целувки се многу едноставни за подготовка, а за да ги направите потребни ви се само 3 состојки. Ќе ви биде потребно: 3 белки, 12 лажици шеќер, 100 г кокос, 50 г кокос за наросување.




Подготовка: Белките се матат исто како рецептот за филувани целувки/пуслици, постепено се додава шеќерот. Помеѓу секое додавање се чека претходниот шеќер да се растопи. И потоа се додава 100 г кокос и се замесува со раце.




Постепено се додава шеќер во прав колку смесата да не се лепи за рацете, и се прават бомбици, а по желба во средината може да се стави по еден лешник или суво грозје. Готовите колачи се посипуваат со кокос или се преливаат со чоколадо.




Варијанта на овие колачи е наместо кокос да им се додаде 100 г мелени ореви и да се наросат одозгора исто така со мелени ореви. Ова не е класичен рецепт за целувки бидејќи нема печење, но така се нарекуваат во битолскиот крај.