Пробајте го рецептот на Младен за кој подолу имате и видео презентација, за оваа прекрасна ванила торта која се приготвува за 10 минути. Потребни ви се плазма кекси, овошје по избор, бело чоколадо и кисела павлака. Без печење, без јајца, без миксер, а вкупно ви се потребни 20 минути, буквално.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1,3 литар млеко, 4 лажици шеќер + 200 мл млеко, 4 лажици шеќер, 3 кесички пудинг со вкус на ванила, 200 г путер на собна температура, 180 г кисела павлака (една чаша), 600 г плазма кекси, 400 г јагоди или друго овошје по ваш избор, 100 г бело чоколадо и шлаг крем за декорација, (калап 26 см)
Во едно тенџере ставете 1,3 литар млеко и додајте 4 лажици шеќер. Вклучете ја ринглата за да се загрее. Во меѓувреме, во посебен сад ставете 200 мл млеко, 4 лажици шеќер и прашокот од три кесички пудинг со вкус на ванила.
Добро промешајте за да нема грутчиња. Кога млекото ќе зоврие, намалете ја температурата и малку потргнете го тенџерето на страна, па со постојано мешање додајте го разматениот пудинг.
Вратете го тенџерето на оган и продолжете да го варите пудингот со непрекинато мешање додека да згусне. Потоа додајте путер исечен на парчиња и промешајте додека да се растопи и инкорпорира во пудингот.
Истото сторете го и со киселата павлака: додајте една чаша од 180 г кисела павлака, и мешајте додека да се изедначи смесата. На крај додајте 600 г плазма кекси крупно искршени со раце (на пример, една плазма-плочка поделена на 3 делови).
Промешајте за да се распоредат подеднакво сите состојки. Подгответе го калапот за торти со подвижен обрач, со величина од 26 см (обложете го со проѕирна фолија или со хартија за печење).
Излејте половина од приготвената смеса и распоредете рамномерно. Одозгора рамномерно распоредете 400 г јагоди (или малини или мешавина од шумско овошје, по ваш избор и желба), претходно иситнети на помали парчиња.
Белото чоколадо растопете го на пареа или ставете го во кесичка за замрзнување, па ставете го во топла вода да се растопи. Потоа потсечете еден агол од кесичката и рамномерно распоредете го чоколадото врз јагодите.
Одозгора нанесете ја и втората половина од приготвената смеса. Рамномерно распоредете и малку протресете го и потчукнете го калапот за да излезат евентуалните воздушни меури.
Вака приготвената торта оставете ја во фрижидер преку цела ноќ, за да се стегне и кексите да омекнат. Потоа внимателно отстранете го обрачот, а одозгора нанесете шлаг крем и декорирајте по ваш вкус. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.