Рецептот за овој прекрасен колач ни доаѓа од нашата драга членка Јелена Шарац, која овојпат сподели многу лесен и едноставен рецепт за здрав колач кој можат да го јадат сите оние кои се на диета. Нека биде вашиот избор за овој викенд:
„Здраво на сите. Денес приготвувам еден брз, вкусен и пред сè здрав колач, кој не содржи брашно, масло или шеќер. За сите оние кои сакаат здраво да се хранат или пак, држат некоја диета, а им се пријадува нешто слатко, тогаш ова е вистинскиот избор.
Секогаш можете да го приготвите овој колач, бидејќи е едноставен и лесен за правење. Дури и оние кои се почетници и немаат никакви искуство во кујната, можат без проблем да го приготват овој колач. Вкусот е поинаков во однос на сите други колачи кои се приготвуваат со брашно. Пробајте го“, вели Јелена.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 средни банани, 2 лажички мед, 50 мл течен јогурт со мин % мм, 1 лажица какао во прав, 80 г кокосово брашно, 1 кесичка ванилин шеќер, 1 кесичка прашок за печиво, 1 рака сува кандирана брусница, 2 јајца, 100 г црно чоколадо (со поголем % на какао), 70 мл млеко.
ПОСТАПКА: Земете две зрели банани, излупете ги, исечете ги на помали парчиња и ставете ги во блендер. Измиксајте ги бананите неколку минути додека да добиете убава мазна кашеста структура.
Во кашата од банани додајте две лажици мед и 50 мл течен јогурт кој пожелно е да биде со што помал процент на млечни масти. Потоа додајте една полна до врв супена лажица какао во прав и 80 г кокосово брашно.
На крај додајте една кесичка прашок за печиво и една кесичка ванилин шеќер. Јас додавам и една рака сува, кандирана брусница, за да има уште поубав вкус, а вие ако сакате можете да додадете и некое друго суво овошје, по ваш избор.
Сите овие состојки повторно изблендирајте ги додека добро да се сомелат и изедначат во една компактна смеса која наликува на меко, ровко тесто со конзистенција на влажен песок. Во посебен длабок сад пенасто изматете две цели јајца.
Јајцата треба да бидат фино изматени со доста пена. потоа во нив додајте ја претходно измиксаната смеса со банани и добро промешајте со шпатулата. мешајте во еден правец, полека, за да се сочува пенливоста на јајцата.
На тој начин колачот ќе остане воздушест и растресист. Земете еден плех или калап со димензии 30х22 см и добро намастете го со путер или маргарин, на дното и страните. Потоа наросете го со малку кокосово брашно.
Рамномерно распоредете ја приготвената смеса и израмнете ја површината. Доколку сакате подебел колач, тогаш користете калап со помали димензии. Колачот ставете го да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 25 минути. Во меѓувреме во помал сад ставете 100 г посно чоколадо искршено на коцки и додајте 70 мл млеко.
Растопете го во микробранова печка. Печениот колач малку избоцкајте го со чепкалка, па веднаш додека е топол прелијте го со растопеното чоколадо. Оставете го 15-тина минути за да го впие чоколадото. Одозгора наросете го со крупно мелени бадеми. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.