Рецепти за бајадера колачи има безброј, но се надевам дека овој ќе ви се допадне. Многу брзо се приготвува, не валкате многу садови, не треба ниту миксер да употребите, а бајадерата излегува многу вкусна.
Потребни состојки: 3 јајца, 300 г шеќер, 200 г карамел бонбони (лешник или млечни), 250 г путер или маргарин, 300 г мелени плазма кекси. За глазура: 200 г чоколадо за готвење и 6 лажици масло
Постапка: во едно тенџере ставете го шеќерот, па додајте ги карамел бонбоните и јајцата. Промешајте со жица маталка и тенџерето ставете го на рингла да се загрее на умерена температура.
Мешајте непрекинато додека шеќерот и бонбоните да се растопат, па тргнете го тенџерето на страна. Додајте го путерот или маргаринот исечкан на ленти. Мешајте додека и тој да се растопи.
Потоа додајте ги мелените кекси и мешајте брзо додека состојките да се соединат во компактна и изедначена смеса. Хомогената смеса распоредете ја рамномерно во праволаголен калап, претходно обложен со проѕирна фолија.
Смесата оставете ја малку да се стегне, па подгответе ја чоколадната глазура: растопете го чоколадото на пареа заедно со 5-6 лажици масло. Мешајте додека да се изедначи, па глазурата излејте ја одозгора.
Откако ќе се олади на собна температура, бајадерата ставете ја во фрижидер. Пред сечење, за да не се рони, извадете ја 10-тина минути да омекне на собна температура, а но жот загрејте го во топла вода. Има и втор начин на приготвување:
Некои домаќинки најпрво ги матат јајцата со шеќерот, па ги варат на пареа додека да згусне смесата, па дури потоа, во топлиот крем од јајца ги додаваат карамел бонбоните, а потоа и останатите состојки. Еве уште една верзија за Лешник-карамел бајадера:
Потребни состојки: 3 јајца, 300 г шеќер, 250 г путер или маргарин, 200 г лешник карамел бонбони, 70 г мелени лешници, 300 г мелени плазма кекси, 100 г чоколадо за готвење
Постапка: добро изматете ги јајцата и шеќерот и кратко сварете ги на пареа за да се загрее смесата. Додајте ги карамел бонбоните и мешајте додека тие да се растопат. Потоа додајте го путерот/маргаринот и чоколадото. Мешајте додека сите состојки да се соединат.
Можете да мешате и со миксер на најмала брзина додека убаво да се соедини смесата. Тргнете од оган и додајте ги мелените кекси и 50 г мелени лешници. Добро промешајте, па смесата излејте ја во калап, претходно малку намастен и наросен со шеќер во прав. Јас користев плех со димензии 25х35 см.
Одозгора наросете со преостанатите мелени лешници и оставете во фрижидер добро да се стегне. Потоа сечете на штанглички, коцки или парчиња по ваша желба. / Даниела / Сооlinarika.com