Многу брз рецепт за една фина закуска за сите возрасти и сите пригоди. Овие соленки нема кој не ги сака. Се замесуваат за пет минути, потоа тестото одмора во фрижидер половина час, па се развлекува кора и се сечат соленките и на крај се печат 20 минути.
Значи за не повеќе од еден час, од почетокот на овој рецепт, вие ќе можете да ги послужите овие многу вкусни соленки. Посебен вкус им дава сирењето и путерот, а еве што друго е потребно за нивно приготвување:
Потребни состојки: 200 г брашно, 5 г прашок за печиво (една мала лажичка), 1 лажица сол, 200 г сирење, 100 г путер, 1 јајце, сусам за наросување (може ким, афион, црн сусам, црно семе или семки по ваш избор)
Постапка: во еден подлабок сад ставете 200 г брашно, па додајте 5 г прашок за печиво и промешајте. Потоа наросете една лажица сол и 200 г иситнето бело сирење (може да го иситните и со виљушка).
Во смесата додајте и 100 г путер, претходно омекнат на собна температура (најдобро да го исечкате на ленти за побрзо да омекне). Потоа измешајте најпрво со виљушката, а потоа и со рака.
Замесете го тестото додека сите состојки да се изедначат и да добиете убаво компактно тесто. Покријте го со проѕирна фолија и оставете го во фрижидер да одмори и дополнително да се стегне, околу половина час.
По изминатото време истресете го тестото врз малку набрашнета работна површина, па со помош на оклагија равлечете не премногу тенка кора. Преку целата површина кората премачкајте ја со едно изматено јајце.
Дополнително одозгора наросете сусам, ким, крупна сол или што и да сакате по ваш избор и вкус. Потоа исечете тенки ленти со широчина од приближно 1-1,5 центиметри а должина околу 5 см.
Обликот на соленките секако може да биде и по ваш избор. Може да ги сечете уште потенки и подолги, да вадите фигури со модли, или пак со една поголема и една помала чаша да вадите прстени.
Соленките редете ги во плех обложен со хартија за печење и ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 170 степени околу 20 минути или додека убаво да заруменат.
Соленките се убави и вкусни кога се топли, но уште поубави и поровки откако ќе изладат. Деталите од целата постапка за приготвување можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.