Рецепт на Бојана од Бокина Кујна. Рецепт за сутлијаш на турски начин со пудинг, старински рецепт кој ќе ве заблажи како ниеден друг. Подолу во текстот може да најдете и уште еден рецепт за сутлијаш со чоколадо, кој исто така е превкусен.




Сите ми го фалат овој рецепт и секој кој дошол кај нас на гости, ми го бара рецептот. Многу едноставна подготовка, а ќе се сладите како да го јадете најубавиот десерт на светот. Може да го направи секој, а овој десерт не чини многу, како некои поскапи торти и колачи..




Потребни состојки: 150 г прочистен бел ориз, 100 – 150 г шеќер, 2 ќесички ванилин шеќер, 400 мл вода, 1 литар млеко, 40 г пудинг од ванила.

Постапка: Оризот потребно е добро да се измие неколку пати низ неколку води и добро да се исчисти. Добро измиениот ориз се става во тенџере и врз него се прелива водата, па се става на рингла и се остава да се свари.




Оризот е готов тогаш кога ќе ја апсорбира и испари целата вода. Повремено мешајте за да не ви загори оризот при варење. Во меѓувреме згответе го пудингот на стандарден начин.




Ќесичката пудинг ставете ја во подлабок сад, и додајте малку од млекото. Преостанатото млеко се додава кога ќе се свари оризот. Малку промешајте со рачна маталка, за да нема грутки.




Во сварениот ориз, додајте го преостанатото млеко, промешајте и оставете да зоврие. Во тенџерето со ориз додајте 1 ќесичка ванилин шеќер и помеѓу 100 – 150 г обичен шеќер, во зависност од тоа колку сакате да е слатко. Млекото се остава да проврие.




Потребно е константно да мешате за оризот да не се залепи на дното. Оставете да вари уште 5 минути, па додајте го пудингот со постојано мешање. Повторно се остава да отстои уште 5 минути, па оставете да се готви на помала температура.




Готовиот сутлијаш се послужува во стаклени чаши за сладолед или посебни тацни. Одозгора по желба додајте рендано чоколадо или цимет. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ. Сутлијаш со чоколадо, брз рецепт, едноставен и неодолив, ваков сутлијаш досега не сте пробале. Покрај оригиналниот сутлијаш кој се прави со 1 ќесичка ванилин шеќер, старите домаќинки малку го измениле рецептот со додавање на пудинг од ванила.




Секако, новите домаќинки не останаа воздржани, па од нив излезе еден нов рецепт за сутлијаш со чоколадо. Кој пробал знае колку е вкусен, а сутлијашот се подготвувал уште многу одамна, бидејќи бил најевтиниот десерт.




Потребни состојки: 300 г ориз, 200 мл млеко, 1 чоколадо, 7 лажици бел и кафен шеќер, 1/2 пудинг од ванила или чоколадо, 1 литар вода или сојно млеко, ситно сечкани бадеми, ореви или рендано чоколадо за одозгора.

Сите состојки се произволни, така што може количината да ја определите според ваш вкус. Постапка: Оризот измијте го во неколку води, па префрлете го во тенџере, заедно со водата за да се свари, исто како во претходниот рецепт.




По 10 минути варење, или откога водата ќе ја снема, додајте го шеќерот и промешајте за да се растопи. Во друг сад измешајте ја ќесичката пудинг со малку млеко и промешајте за да нема грутки.

Во оризот додајте го чоколадото, скршено на неколку коцки, и промешајте до растопување. На крајот се додава растопениот пудинг со постојано мешање додека да згусне. Бидете внимателни да не ви загори, а потоа тргнете од рингла и оставете малку да подизлади пред послужување. Одозгора декорирајте по ваша желба.