Многу вкусна салата за во зима. Зелени домати во тегла, на поинаков начин, без конзерванси и винобран. Многумина не го знаат овој рецепт, а многу е вкусен и штета е да не го направите, особено ако имате свои домашни домати и ви останала голема количина на зелен домат.




Потребни состојки: 3 кг домати, 1 бабура пиперка (најдобро црвена рог), 2 средни главици кромид, 2 главици лук, 1 китка свеж магдонос, 4 лажици шеќер, 4 лажици сол, 1 луто пиперче (не мора ако не сакате луто), од други зачини може црн пипер во зрно, синап, ловоров лист… Во секоја тегла се става по 30 мл оцет.




Овојпат јас во секоја тегла ставав по една мала лажичка мелен црн пипер и малку семе од синат (она ситно, бело семе од кое се прави сенф, а може да се најде во Билна аптека или во продавници за здрава храна и некои поголеми супермаркети – дава одличен вкус на зимницата).




Постапка: измијте ги доматите (отстранете ги петелките и сите оние домати кои на некоја страна зарумениле, зошто од нив може да ви се расипе целата тегла), исечете ги на половина или на повеќе делови доколку парчињата се големи. Исечкајте го кромидот на лентички и додајте го во садот со исечените домати.




Исечкајте го и останатиот зеленчук, јас тоа го правам со помош на „сечко“, а вие можете со нож. Додајте шеќер, сол и останатите зачини кои вие ги сакате по вкус и убаво промешајте.




Вака измешаната содржина оставете ја да отстои два часа. После два часа зеленчукот би требало да испушти доста сок. Полнете ги теглите со зеленчукот и течноста (да има до половина тегла од сокот).




Ако ставате црн пипер во зрно, синат и ловоров лист, ова е најдобро на крај да го правите во секоја тегла посебно, по малку, за да ви бидат рамномерно распоредени насекаде.




Во секоја тегла ставете по 30 мл оцет, добро затворете ги и наредете ги во големо, широко тенџере. На дното од тенџерето претходно ставете крпа или некој чаршав. Кога ќе ги наредите теглите, налејте вода (две третини да бидат потопени, еден прст под капакот) и ставете на оган да се варат.




Од моментот на зовривање варете ги половина час на умерена температура. Изгасете ја ринглата и оставете ги теглите во врелата вода да се ладат околу 15-тина минути. Потоа извадете ги, секоја тегла избришете ја, па завиткајте ја во хартија или крпа и свртете ја наопаку.




Вака превртени на капак треба да останат до следниот ден за убаво да се вакумираат. Следниот ден отпакувајте ги и наредете си ги на полицата, заедно со останатата зимница. Можете да ги јадете и после две недели. Постапката можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.