Салатата СЕДМО НЕБО е една од моите омилени салати со тестенини. Се состои од доста зеленчук, а јогуртот и дава еден преубав освежителен вкус. Оваа салата со тестенини се приготвува многу брзо и едноставно, а одлична е како прилог на главното јадење но и како оброк салата.
Рецепт и видео презентација на Драгана Михајловиќ од “Направи Сама – Идеи за Креативци” – Салата “Седмо небо”. Денес ќе приготвуваме превкусна салата со макарони, разновиден зеленчук и јогурт кој на салатата ќе и даде освежителен вкус.
Се приготвува многу брзо е едноставно, а освен како салата, прилог или прејадење, може да се послужи дури и како главен оброк доколку внимавате на килограмите, односно како оброк салата. Во продолжение прочитајте како се приготвува оваа вкусна салата.
Потребни состојки: 400 г тестенини Mattini, 1 главица црвен кромид (може и обичен), 1-2 чешниња лук, 1 морков, 3-4 кисели краставички, 1 филџан пченка „шеќерец“, 1 чаша јогурт од 180 г, сол по вкус, 150-200 г фета сирење, 2 варени јајца, свеж магдонос, слатка зачинска пиперка
Постапка: Во едно длабоко тенџере ставете доста вода, па ставете го на рингла и загревајте го додека да зоврие. Во водата додајте малку сол. Во меѓувреме додека чекате да зоврие водата, пригответе го зеленчукот. Измијте го морковот, излупете го и исечкајте на тркалца или коцкички.
Кромидот излупете го, па и него исечкајте го на ситни коцкички. Ситно исечкајте и три или четири кисели краставички од тегла. За тоа време водата во тенџерето би требало да зоврие, па додајте ги тестините и варете ги ал денте, во времетраење според ознаката на амбалажата.
Додајте го и сечканиот морков да се вари заедно со тестенините. Потребно е само повремено (од време навреме да се промеша). Во меѓувреме во помало тенџерче или во ѓезве ставете да се вари и една кафена шолја пченка „шеќерец”.
Сварените тестенини исперете ги под млаз ладна вода и добро процедете ги. Тестенините заедно со морковите ставете ги во посебен стаклен (декоративен) сад. Потоа додајте ги сечканите кисели краставички и сечканиот кромид.
Промешајте ги тестенините со лажица. На крај додајте ја варената пченка која претходно исто така, сте ја испрале и исцедиле со ладна вода. Откако добро ќе ја промешате салатата, одозгора прелијте ја со една чаша од 180 г течен јогурт (може да додадете и повеќе ако ја сакате посочна).
Одозгора изрендајте околу 150 г фета сирење, а може и некое друго сирење по ваш вкус. Откако повторно ќе ја промешате салатата, ќе ви преостанат да додадете уште неколку состојки. Едно или две чешниња лук истиснете ги низ преса или многу ситно исечкајте ги.
Потоа посолете и додајте ги тврдо варените јајца исечкани на тркалца (или коцки, како вие сакате). Промешајте добро за да се распоредат рамномерно состојките, па со хартиена салветка избришете го садот по ѕидовите од страна.
Одозгора декорирајте со неколку кругови варени јајца и неколку листови свеж магдонос. На неколку места малку наросете црвена слатка зачинска пиперка во прав. Сите детали од постапката на приготвување можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
Мајка ми ја прави оваа салата со тестенини, за 10 минути е готова, најмногу ја сакаме!
Потребни состојки: околу 350 г тестенини (најчесто користи спирални), околу 100 г кисели краставички, 1 црвена пиперка, 1 зелена пиперка, 1 мала, најмала конзерва пченка, 1 и ½ кесичка мајонез, 1 чашка кисела павлака, 150 мл павлака за готвење (за тестенини), 100 г кашкавал, 100 г шунка, сол, црн пипер
Постапка: тестенините сварете ги, процедете ги и изладете (под млаз студена вода) Краставичките, пиперките, кашкавалот и шунката исечкајте ги поситно (или изрендајте).
Додајте ги сите останати состојки и добро промешајте. Изладете и сервирајте. Тестенините впиваат доста од течноста, па ако е потребно додајте уште малку од течната павлака кога салатата ќе излади и промешајте уште еднаш.