Ова е вистинита приказна. Старецот Пајсиј Светогорец е еден од најважните старешини на Света Гора на 20. век, православен христијански монах, кој стана една од најсветите личности во последниве децении.
Тој е роден како Арсениос Езнепидис (1924-1994) и многу познат по своите духовни учења, особено во Грција, Србија, Бугарија, Русија и Македонија, а во блиска иднина се очекува и негова формална канонизација како светец.
Бил роден во Кападокија, кратко време пред размена на населението меѓу Грција и Турција. Неговото семејство се преселило во Епир, а таму тој го изучил столарскиот занает.
Во 1950 година отишол во манастир на Света Гора каде по 4 години се замонашил, а подоцна го добил името Пајсиј. Мудриот и видовит старец Пајсиј еднаш раскажа вистинита приказна за клетвата на една мајка врз сопствениот син.
„Еден човек дојде кај мене плачејќи во мојата ќелија: „Отец, мајка ми ме проколна. Моето семејство го снајде голема мизерија, болести, не ми оди добро, сè се распаѓа околу мене“.
Му реков: „Мајка ти не би те проколнала без причина, нешто мора да не е во ред“. А тој се замисли. „Да, навистина има причина“. Повторно му реков: „Оди и побарај прошка од мајка ти“.
Тој рече: „Добро Отец, ќе одам, но дај ми благослов тоа да го направам“. „Го имаш мојот благослов, но треба да го добиеш и мајчиниот благослов“.
Тој се двоумеше. „Тешко дека таа ќе ми даде благослов, Отец“. Повторно му реков: „Само ти оди, а ако не ти дава благослов, само кажи и вака: “Еден старец ми рече да размислиш, затоа што еден ден и ти ќе му ја предадеш душата на Бога.“
Тој заминал со голема надеж, но мали очекувања дека нешто ќе се промени, но неговата мајка сепак на крајот го благословила, и му рекла:
„Дете мое, нека биде благословот на Авраам врз тебе!“ Помина многу кратко време, а тој човек повторно дојде на Света Гора, носеше многу подароци, скокаше од радост. Постојано повторуваше: Слава ти, Боже! Плачеше со солзи радосници.
Од моментот кога бил кај својата мајка, целиот негов живот се променил, тој благослов толку многу делувал што сите проблеми исчезнале. Децата му оздравеа. Доби мир. Сè што претходно пропаѓаше, сега одеше напред.