I РЕЦЕПТ Петминутен колач со јагоди од 4 состојки – Ќе ве купи уште со првиот залак. Брзо се приготвува, превкусен е а исто така и декоративен. Пробајте го овој петминутен колач со јагоди.
Потребни состојки: 450 г јагоди, 160 г шеќер, 150 г брашно и 3 јајца
Постапка: јајцата не мора да ги делите на белки и жолчки, туку пенасто изматете ги со 160 г шеќер додека тој да се растопи а смесата да стане кремаста и густа. Миксајте околу 2 минути додека да добиете убав мазен крем.
Во кремот од јајца полека со лажица додајте просеано брашно (150 г) и убаво промешајте за да се изедначи. На крај додајте 450 г свежи јагоди исечкани на ситни парчиња.
Колку поситно ги исечете, толку колачот ќе ви биде поубав, а јас можеби оставив и преголеми парчиња. Смесата излејте ја во намастен калап за торти (со путер) и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени.
Првите 5 минути печете на 200 степени, а потоа намалете ја температурата на 175 степени и печете уште половина час или додека колачот не е готов (проверете со чепкалка).
Печениот колач извадете го малку да се излади, а потоа можете да го сечете, да го наросите со шеќер во прав или да го декорирате со шлаг, но и така ако го оставите е преубав.
II РЕЦЕПТ Брз, сочен и многу вкусен колач со јагоди – мешаш, излеваш, редиш јагоди и печеш, брзо и едноставно
Бидејќи сега е сезона на јагодите, да ги пробаме во овој едноставен а многу вкусен колач. Доколку го приготвувате колачот кога не е сезона, секогаш можете да употребите и смрзнати јагоди.
Потребни состојки: 120 г путер омекнат на собна температура, 220 г шеќер во прав, 4 јајца, 400 мл млако млеко, 600 г меко брашно, 1 прстофат сол, 1 прашок за печиво, 500 г јагоди и шеќер во прав за наросување одозгора
Постапка: со миксер пенасто изматете го путерот и шеќерот, а потоа додајте ги жолчките, една по една. Потоа додајте го млекото, изматете, па додајте половина од брашното измешано со прашок за печиво.
На страна изматете ги белките во цврст снег со прстофат сол. Додајте го остатокот од брашното па спојте ги двете смеси, белките и смесата со жолчките, внимателно промешувајќи со лажица.
Висок калап за торти 26 см намастете го со путер и набрашнете го. Истресете го вишокот брашно. Излејте половина од смесата, па наредете со половина од јагодите, претходно извалкани во брашно (за да не пропаѓаат во тестото).
Излејте го остатокот од смесата преку нив, а одозгора набоцкајте ги преостанатите јагоди. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 45-50 минути (пробајте со чепкалка дали е печено). Колачот исечете го на парчиња и наросете го со шеќер во прав пред послужување. Погледнете ја галеријата со фотографии: