Чоколадната пишкотна торта е десерт кој кога еднаш ќе го пробате, никогаш нема да го заборавите. Се подготвува многу едноставно и брзо, за половина час е готова, бидејќи ништо не се готви, пече или вари.
Единствено што треба е да се воздржите до следниот ден, бидејќи тортата мора да преноќи во фрижидер. На самиот почеток мора да напоменам дека во тортата се користат сирови јајца кои термички не се обработуваат.
Затоа, потребно е да користите исклучиво свежи јајца, со чиста лушпа која нималку не е напукната. Оваа торта е симбол на мојата кујна и ја приготвувам веќе 40 години и досега немало ниеднаш случај со несаканата салмонела – Бина.
Потребни состојки: 500 г пишкоти, 250 г путер, 70 г шеќер во прав, 200 г чоколадо за готвење (70% какао), 7 лажици ситен шеќер, 1прстофат сол, 7 јајца. И уште ќе ви биде потребно: 250 мл млеко за потопување на пишкотите, 2 кесички шлаг крем од чоколадо.
Постапка: калап со обрач од 28 см обложете го со проѕирна фолија. Пишкотите кратко натопувајте ги во млеко и редете ги на дното од калапот. Обложете ги и страните, а по потреба поткршувајте ги пишкотите за да нема празнини.
Внимателно одвојте ги белките од жолчките. Белките ставајте ги во подлабок сад, а жолчките во некој помал сад. Во белките додајте прстофат сол и започнете да ги матите со миксер со најголема брзина. Постепено, лажица по лажица, додавајте го шеќерот додека непрекинато матите.
Кога ќе добиете цврст снег од белку, покријте го со фолија и оставете го во фрижидер додека го приготвувате кремот од жолчки. Путерот кој претходно сте го омекнале на собна температура, пенасто изматете го заедно со шеќерот во прав (најдобро е да се просее).
Матете доволно долго додека путерот да побели и стане кремаст. мене ми беа потребни седум минути. потоа, една по една започнете да ги додавате жолчките. Матите непрекинато додека жолчката да се инкорпорира во путерот, а потоа додајте ја следната жолчка.
Во меѓувреме, додека ги матите жолчките, ставете на пареа да се растопи чоколадото. малку промеѓајте го за да се излади, па додајте го во смесата од путер и жолчки, па заедно убаво изматете ги додека да се добие еднолична смеса.
Во оваа смеса започнете постепено да го додавате снегот од белки. Матете со миксерот но овојпат на најслаба брзина. Снегот од белки додавајте на неколку наврати. Добиениот крем излејте го врз пишкотите и рамномерно распоредете го. Израмнете.
Одозгора врз кремот наредете нов слој пишкоти, исто така кратко натопувани во млеко. Тортата покријте ја со проѕирна фолија и оставете ја преку ноќ во фрижидер. Следниот ден превртете ја врз чинија за сервирање и целата премачкајте ја со чоколаден крем изматен според упатството.
Тортата можете да ја декорирате со чоколадни трошки или рендано чоколадо. Целата е кремаста и се топи во уста. Уживате во овој десерт приготвен според стар рецепт. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.