Тортата е толку лесна, брза и едноставна, сигурна сум дека многу често ќе ја правите. Се состои од три слоја, а средишниот е овошен. Кој не сака овошни торти, наместо малини, јагоди или банани, може да додаде сечкани крем бананичниња или рендано чоколадо.
Потребни состојки: 600 г шлаг, 600 мл газирана вода, 300 г мелени бисквити (плазма), 200 г еурокрем, 250 г малини или некое друго црвено овошје, 100 г чоколадо (за декорација), 3 лажици масло (да се стопи чоколадото)
Постапка: Изматете 200 г шлаг со 200 мл газирана вода. Кога ќе зацврсне додајте ја мелената плазма, промешајте со лажица или шпатула за да се изедначи, па добиената смеса излејте ја дното од калапот и израмнете.
Доколку немате калап за торти со обрач, користете било каков калап или тепсија, претходно добро обложена со проѕирна фолија. Оставете го калапот во фрижидер за да се стегне малку смесата.
За тоа време изматете нова тура 200 г шлаг со 200 мл газирана вода, па кога ќе ја добиете посакуваната цврстина, полека додајте малини (или сечкани јагоди или друго бобесто овошје). Оваа смеса рамномерно распоредете ја врз првата смеса со плазма и убаво израмнете.
Калапот повторно вратете го во фрижидер за да може и овој слој да се стегне. Следните 200 г шлаг изматете ги со 200 мл газирана вода, исто како и претходните два пата. Во овој шлаг додајте 200 г еурокрем или некој друг лешников крем по ваш избор, претходно малку омекнат за да може да се меша.
Добро промешајте со лажица за да се соедини и изедначи смесата, а потоа рамномерно распоредете ја врз овошниот слој и израмнете. Тортата вратете ја повторно во фрижидер на ладење. Најдобро е да ја оставите 4 часа да се олади или преку цела ноќ, за да може убаво целата да се стегне.
На крај, растопете 100 г чоколадо со 3 лажици масло (на пареа или на многу тивок оган), па сјајната глазура излејте ја врз горниот дел од колачот. Може да ја декорирате и само со шлаг, по ваша желба.
Забелешка: Ако поради некоја причина не сакате малини (алергични сте на нив или не ви се допаѓаат), наместо нив, ставете сечкани чоколадни бананчиња (8-10 парчиња) и промешајте ги со шлагот. Сè друго е исто. Колачот е многу и на овој начин вкусен, па за оние кои сакаат чоколадни бананчиња, ова е подобра варијанта на тортата од овошната.
II ВАРИЈАНТА: Торта која не се пече и не се готви – Многу евтина и лесна за приготвување… само мати, реди и јади
Потребни состојки: 500 г шлаг во прав, 500-600 мл газирана вода, 300 г мелени кекси, 300 г овошје по ваша желба или сечкани крем бананчиња, 3 супени лажици омекнат еурокрем или капучино по избор. Ќе ви бидат потребни уште 200 г шлаг и 150 мл газирана вода за декорација.
Постапка: Изматете го шлагот со газираната вода и добиената количина поделете ја на три еднакви делови. Во првиот дел додајте мелена плазма, убаво промешајте со лажица, па распоредете на дното од калапот, претходно обложен со проѕирна фолија. Овој дел е основата.
Во вториот дел промешајте овошје (јагоди, малини, вишни) или сечкани чоко бананчиња. Смесата соединете ја и рамномерно распоредете ја врз првиот слој. Во третиот дел додајте еурокрем или по желба капучино од ванила во прав. Соединете ја смесата и распоредете ја врз овошната смеса.
На крај изматете повторно шлаг со газирана вода и декорирајте ја целата торта. По желба можете одозгора нешто да наросите и да ја оставите тортата да отстои во фрижидер за да може убаво да се стегне пред сечењето. Потоа сечете ја и послужете ја. Уживајте во освежителниот вкус.