Сезоната на бел багрем започна, па затоа сега е идеална пригода да го пробате овој извонреден и здрав напиток, додека ова чудесно и миризливо дрво е во полн цвет.

Белите миризливи цветови лачат многу нектар, вксуни се да се јадат така, во салата, во чај, или похувани.

Содржат многу витамин Ц, етерични масла, смола, флавонски гликозид, акацин.

Иако од багремот може да се направи сируп на истиот начин како што се прави и од бозел, ние ви предлагаме да го пробате свежиот сок од багрем во кој остануваат сочувани сите хранливи и лековити својства на оваа билка.

Постапка:

Цветовите од багрем се берат додека се’ уште се отвораат, бидејќи тогаш се најбогати со здрави состојки.

Набраните гроздови редете ги во стаклена тегла, додека теглата да се исполни.

Зовријте вода и оставете да излади, а потоа наполнете ги теглите со вода. Во секоја тегла додадете сок од еден лимон, поклопете и оставете да отстои 24 часа.

Потоа сокот процедете го и додадете мед колку сокот да биде нешто појако благ, бидејќи при послужување се разредува со вода во однос 1:1

Од секоја тегла ќе добиете околу половина литар чист сок, што значи дека при мешање со вода добивате еден литар сок по тегла.

Сокот треба да се пие веднаш, а до употреба да се чува во фрижидер, најмногу неколку седмици.