Фарбањето на велигденските јајца е традиција, па како што наближува големиот христијански празник Велигден, така домаќинките испробуваат нови начини за фарбање на јајцата. Порано, кога не постоеле купечки готови бои, се користеле природни намирници за фарбање.
Овојпат Бранка ни откри три начини за природно фарбање на велигденските јајца. За фарбање ќе би бидат потребни: коприва, црвена зелка, 5-6 лажици кафе, вода, јајца, масло, оцет, сол и ракавици.
ЗЕЛЕНИ/ЖОЛТИ ЈАЈЦА: Фарбање јајца во коприва
Наберете коприва со ракавици, исечкајте ја ситно на парчиња од 10-15 см за полесно да можете да ракувате со неа. Исечканата коприва ставете ја во тенџерето во кое ќе ги фарбате јајцата и прелијте ја со вода. Додајте малку сол и наредете ги јајцата.
Додајте две супени лажици оцет и вклучете ја ринглата на умерена температура. Откако ќе зоврие, варете уште 15-20 минути. Потоа оставете неколку часови убаво да се олади, па внимателно вадете ги јајцата и бришете ги со хартиена салфетка, а потоа премачкајте ги со масло.
Коментар на Бранка: „Не сум задоволна од бојата која ја добив, очекував поинтензивна зелена или жолта боја, не знам зошто овојпат јајцата не ја примија бојата од коприва. Но, ете, и ова може да се случи. Имаат многу слаба жолтеникава нијанса која во видеото не се гледа“.
СОВЕТ: Во копривата додајте и спанаќ, прелијте со вода и зовријте ја. Оставете да се олади и проверете ја бојата на течноста. Доколку интензитетот на зелената боја е доволно силен, тогаш ќе добиете убаво зелени јајца. Понатаму постапката е иста како што е претходно наведено.
СИНИ ЈАЈЦА: Фарбање јајца во црвена зелка
Црвената зелка исечкајте ја ситно и наредете ја на дното од големо тенџере во кое ќе ги фарбате јајцата. прелијте со вода. Додајте една супена лажица сол и две супени лажици оцет, па внимателно наредете ги јајцата. Вклучете ја ринглата на умерена температура.
Од моментот на зовривање, варете ги јајцата во зелка околу 15-20 минути. Потоа оставете ги неколку часови во истото тенџере заедно со зелката додека убавои да се изладат. Едно по едно вадете ги јајцата, бришете ги со хартиена салфетка и премачкувајте ги со масло.
КАФЕАВИ/ЖОЛТИ ЈАЈЦА: Фарбање на јајца во кафе
Во подлабоко тенџере во кое планирате да ги фарбате јајцата, внимателно наредете ги, додајте една супена лажица сол, две супени лажици оцет, 5-6 супени лажици мелено кафе и прелијте со вода. Вклучете ја ринглата на умерена температура, а од моментот кога ќе зоврие варете уште 15-20 минути.
Јајцата оставете ги во тенџерето да се оладат неколку часови, а можете и веднаш додека се топли да ги вадите. Потоа внимателно вадете ги едно по едно, бришете ги со хартиена салфетка и премачкајте ги со масло за да добијат убав сјај. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.