Домат (науч. Solanum lycopersicum, разг. „патлиџан“) — едногодишно растение од фамилијата зрнци (Solanaceae), слично на компирот. Се употребува за исхрана на луѓе и животни. Во Македонија во 2010 година се произведени 168 010 тони домати.
По потекло е од Централна, Јужна и од јужните краеви на Северна Америка – од Мексико до Перу. За прв пат ја опишал лекарот и ботаничар Матиоли во 1554 година. Поимот „домат“ е изведен од ацтечкиот збор томатотл, навлезен преку неговиот хиспанизиран облик tomate.
Доматот е зеленчук што во исхраната се употребува: свеж, конзервиран како на пример зелен поткиселен домат во туршија и зимница, како сок, прелив (кечап – доматен сос) или како зачин. Неговите плодови се богати со витамин Ц, каротин, витамин Б1 и витамин Е. Покрај витамините, во него се среќаваат и значајни количества на манган, железо и бакар.
Постојат повеќе видови на домат, кои што се одгледуваат ширум светот и во Македонија. Најпознати се: рајско јаболко поради што во повеќе средноевропски земји доматот се нарекува „рајчица“ (хрватски) или „рајчата“ (чешки), ситната сорта на црешовиден домат наречена „шери“ (cherry), јабучар, воловско срце, розев или индустриски домат итн.
Јабучар
Јабучар е сорта на домат кој изобилува со неговата големина и специфичната розева боја. Најмногу го има во околината на Скопје и во Струмичкиот предел. Тој се карактеризира со розова боја и вкус на вистински домат. Исто така, помал број производители почнале да го одгледуваат познатиот јабучар во пластеници, сами собирајќи семе, но и покрај тоа што е произведен во заштитени услови, неговата трајност е ограничена на само неколку дена.
Во 2013 година, во Охрид изниклал јабучар со големина од еден килограм. Доматот, воопшто не бил прскан со пестициди или други заштитни средства, единствено е прихранет и испрскан против штетници со чај од варени коприви, а наводнувањето е со системот капка по капка со изворска или отстоена вода, која воопшто не содржи хлор.Тајната за овој џиновски и вкусен домат се состои во навременето прскање со препаратот од коприва и навремено наводнување.
Јабучарот, кој е чист и еколошки здрав и мириса на вистински домат, се губи во последните години. Успева да опстои и во густо населени подрачја, но и во градски средини. Никнува од 7 до 15 дена од денот на сеењето. Потребна е голема влажност на земјата и топлина во првите 10 дена. Ако садниците се многу блиску една покрај друга, тогаш треба да се расадат на друго место на поголемо растојание. Кога билките се околу 5 сантиметри големина, слободно можат да се наводнуваат преку листовите. Доматот треба да се наводнува со млака вода од 18-28°C, бидејќи ако се заливаат со ладна вода, билките можат да добијат шок и да угинат или да имаат последици во понатамошната вегетација.
Што уште е потребно да знаете за доматите?
Во почвата засадете го коренот и половина од стебленцето на доматот. Заштитете го од ветер и користете ѓубриво. После првата берба можете да додадете 3 мали лажички амониум сулфат. Страничните гранчиња постепено кршете ги за да го подобрите и забрзате нивниот раст.
Користен извор: Википедија