Рецепт за кремаста и вкусна салата од моркови. Ја нареков “Велигденска салата” бидејќи се ближи Велигден, а морковот ме инспирираше така да ја наречам. Инаку толку е вкусна, а многу едноставно се приготвува, што можете кога сакате да ја правите.
Ова е брза и ефектна салата со убав изглед и вкус. За да ја приготвите ќе ви бидат потребни следните состојки: 4 варени моркови, 50-80 г фета сирење, 2 чешниња лук, 1 филџан шолја кикирики, сол по вкус, 5-6 полни лажици кисела павлака и магдонос за декорација
Постапка: морковите сварете ги, изладете ги па изрендајте ги на крупно ренде. Потоа додајте 50-80 г фета сирење или некое друго по ваш вкус. Потоа додајте ситно сечкано или изгмечано лукче (2 чешниња се доволни, но по вкус може да додадете и повеќе).
Посолете по вкус, а потоа додајте крупно мелени кикирики, околу една мала шолја. Во смесата додајте 5-6 полни супени лажици кисела павлака. Мерките се одокативни, па мора да пробате и според вкус да додадете уште малку од некоја од состојките.
Кикириките даваат одлична текстура и вкус, морковите слаткаст вкус, а сето тоа се надополнува со вкусот на лукот. Добро промешајте додека да се изедначи смесата. Доколку сакате, смесата можете да префрлите во чинија за сервирање и да ја обликувате како сакате.
За Велигден, по повод празникот, можете да ја обликувате во вид на морков и да ја декорирате со гранчиња магдонос. Многу лесно се обликува, само треба да пробате. Избришете ја тацната со салветка, набоцкајте ги гранчињата магдонос од подебелата страна и вашата салата-морков е готов. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.
Велигденска солена торта, сочна, вкусна, декоративна, раскошна…
Ова е мојата омилена Велигденска солена торта која по својот состав секогаш е иста, само изгледот и се менува во зависност од декорацијата. Сочна е и има многу префинет вкус.
Потребни состојки: 6 јајца поголеми, 6 супени лажици брашно тип 400, 75 мл или мала шолја за кафе – масло, 1 прстофат сол, на врв од ножот, 300 г спанаќ исчистен од петелки. За фил: 300 г младо сирење, 500 г кисела павлака, 400 г квалитетна шунка
За декорација: 10-15 шери доматчиња, црвени и жолти (ако нема може црвени ротквици), 10 јајца од препелица или 3 кокошкини исечени, 1 помала краставица, 20-30 црни маслинки, 10 аспарагус гранчиња, 5 китки магдонос. По желба босилек зелен и црвен, 200 г крем сирење или по ваш избор измешано со кисела павлака за да биде меко
Постапка: исчистениот спанаќ избланширајте го неколку минути за да свене. Изладете го и процедете го. Можете да го исечкате ситно или кратко да го изблендирате. Добиената маса поделете ја на два дела.
Пригответе калап 24 см во кој ќе ги печете корите за торта и веднаш исечете 3 круга од хартија со иста величина како калапот. Ѕидовите на калапот малку намастете ги со путер и набрашнете ги.
За една кора: 2 белки матете ги додека да станат цврст снег, а потоа со постојано мешање додавајте жолчки, сол, 1/3 мала кафена шолја масло и исклучете го миксерот Постепено низ сито додавајте го брашното, нежно мешајќи со жица за матење и на крај ½ од обарениот спанаќ.
Смесата излејте ја во приготвениот калап со обрач и ставете во веќе загреана рерна на 180 степени да се пече 8-10 минути. Извадете ја печената кора од калапот, префрлете ја на решетка за ладење и извадете ја хартијата на која се печеше.
Ова повторете го уште еднаш за да добиете иста ваква кора со спанаќ. Третата кора се прави без спанаќ за да биде жолта. Додека корите се ладат, направете го филот.
За фил: Со миксер изматете го сирењето и киселата павлака. Ситно исечкајте некоја многу квалитетна шунка и додајте ја во смесата. Пробајте дали е солено и ако е потребно досолете.
Немојте да се уплашите ако ви се чини редок филот, таков треба да биде зошто во следните 24 часа ќе се впие вишокот влага во корите и целата торта ќе биде сочна а цврста. Сега повторно земете го калапот за торта и ѕидовите обложете му ги со проѕирна кујнска фолија, а на дното од калапот можете да ставите хартија за печење.
Редење: прво ставете една зелена кора и премачклајте со 1/3 од филот. Жолта кота, нежно притиснете за да се израмни филот, нанесете 1/3 од филот, и на крај иде вората зелена кора. Одозгора премачкајте со последната третина од филот.
Прекријте со проѕирната фолија и оставете во фрижидер на ладење 24 часови. Следниот ден извадете ја од обрач и премачкајте ја со 100 г меко крем сирење, а со другите 100 г направете мали гнезда околу кои ќе ставате декорација.
Напомена: бидете трпеливи и почекајте 24 часа. Солената торта ќе биде убаво изладена. Сервирајте ја цела пред гостите и не се плашете дека ќе ви се распаѓа при сечењето – напротив! Се сече многу убаво.
II ВЕРЗИЈА ЗА СОЛЕНА РЕДЕНА ТОРТА БЕЗ КОРИ
Потребни состојки: 1 тегла кисели краставички (рендани), 10 варени јајца (рендани), 400 г шунка (рендана), 150 г кашкавал (рендан), 200 г тврдо сирење (рендано), 1 кг варени компири + 1 лажица путер + 1 лажичка сол, 200 г кисела павлака (или к.млеко) + 3 супени лажици мајонез.
Постапка: Варените компири испасирајте ги со една лажица путер и сол по вкус. Тркалезен калап за торти со обрач обложете го со проѕирна фолија, па на дното наредете го првиот слој од компирово пире. Распоредете половина од количината и израмнете ја површината.
Потоа распоредете го ситното сирење, па ренданата шунка. Киселата павлака измешајте ја со три супени лажици мајонез, па рамномерно распоредете неколку лажици. Потоа ставете втор слој од компирово пире, па киселите краставички, па ренданите јајца и на крај остатокот од киселата павлака.
Убаво распоредете и израмнете, на најодозгора распоредете го ренданиот кашкавал. Покријте го калапот со проѕирна фолија и оставете ја тортата да се лади во фрижидер преку цела ноќ. Следниот ден премачкјате ја со мајонез на страните и налепете сечкан магдонос, а одозгора декорирајте со шери домати.