I РЕЦЕПТ ПОСНИ ПИРОШКИ Едноставни се и брзи за подготовка, посни без јајца и млеко, одвнатре се меки како памук, а однадвор имаат тенка крцкава коричка.
Потребни состојки: 300 мл млака вода, 8 г сув квасец, 1 лажичка шеќер, брашно по потреба околу 500 г и 1 лажичка сол. Уште ќе ви биде потребно длабоко масло за пржење.
Пирошките можете да ги правите празни, но може да ги филувате со ајвар (многу се вкусни), со рендан компир, праз, зелка – доколку сакате да бидат посни, инаку можете да ги полните со сирење, шунка, кашкавал, мелено месо или било што вие што сакате по желба.
Постапка: Во 300 мл млака вода растворете го кавсецот со една лажичка шеќер, промешајте и оставете го на топло 10-тина минути за да се активира и запени. Брашното додавајте го постепено, не ја истурајте веднаш целата количина. Додајте и една лажичка сол.
Промешајте со лажица додека убаво да се соедини брашното со водата во меко, лепливо тесто, а потоа започнете да додавате брашно по потреба и замесете го тестото со рака. на крај треба да добиете мазно и еластично тесто, сосем малку лепливо на допир.
Ставете го во еден длабок сад, намастете го преку целата површина со масло за готвење, покријте го со проѕирна фолија и крпа, па оставете го да стасува 40 минути на собна температура додека убаво да го удвои својот волумен. Потоа тестото истресете го на сосм малку набрашнета работна површина.
Поделете го на два делови, направете валјаци и кинете топчиња со големина по ваша желба, во зависност од колкави сакате да ви бидат пирошките. Формирајте топчиња,секое малку намастете го одозгора, покријте ги и оставете ги 15-тина минути за да стасаат и да го зголемат волуменот.
Работната површина малку намастете ја, па секое топче развлечете го со оклагија во овална кора. Кората треба да ви биде што потенка за да добиете крцкави пирошки, а не лебести. Потоа свиткајте ги вообичаено како кифла (за празни, а доколку ги филувате, претходно ставете фил по желба).
Вака формираните кифли оставете ги покриени под фолија додека се загрева маслото за пржење. За тоа време тие убаво ќе стасаат и ќе нараснат. Во умерено загреаното масло спуштајте ги пирошките и пржете ги по неколку минути од сите страни додека убаво да заруменат.
Можете да ги јадете топли, но и ладни се превкусни. Послужете ги со ајвар, сирење, јогурт или нешто по ваша желба. Меки се како душа, пробајте ги. Сите детали околу постапката на приготвување можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ Посни печени пирошки со фил од праз или зелка / Фотографија и рецепт на Лилјана Илиева: За време на пост – посни пирошки – печени.
Потребни состојки: 3 чаши брашно, 270 мл млака вода, 1 лажичка шеќер, 1 лажичка сол, 20 г свеж квасец, 3 лажици масло. За фил: одокативно кисела зелка, праз или кромид, 1 морков, малку мелен црн пипер
Постапка: најпрво на масло ставете го празот или кромидот (зависи што ќе одберете) и кратко пропржете го, па додајте рендан морков и кисела зелка ситно исечкана, уште малку пржете додека убаво да омекне. Потоа зачинете со црн пипер и тргнете од оган за да излади.
Квасецот растворете го во вода со шеќер, па додајте го во брашното, ставете сол и замесете меко и еластично брашно. Домесете го со масло и оставете го да стасува. Кога ќе се удвои премесете го уште еднаш, па почекајте уште малку повторно да почне да се удвојува.
Сега поделете го на мали топчиња, од секое топче со оклагија направете тркалезна форма, ставете по лажица од филот и затворете ја пирошката со споениот дел надолу.
Вклучете ја рерната на 180 степени, а за тоа време овие пирошки повторно ќе нараснат. Ставете ги да се печат додека да заруменат, па уште додека се врели премачкајте ги со масло, покријте ги со крпа. Уживајте во нивниот вкус, меки се како душа. (1 чаша = 200 мл)
Јас ги сакам меките теста и лесно се справувам со нив…Кога ги кинев топчињата ги валкав во малку остро брашно и немаше никаков проблем. Ако на некој му е проблем да работи со меко тесто, тогаш мерката нека ви биде чаша од 240мл. / Фотографија и рецепт на Лилјана Илиева