Доколку немате многу време, а сакате да приготвите нешто вкусно, притоа брзо и едноставно, тогаш оваа гибаница од само три состојки е одлично јадење кое може да го замени и ручекот.
Заситна е, ќе ви заштеди пари и време, а ќе ви ги наполни стомаците. Запишете си го рецептот. Ќе ви бидат потребни околу половина килограм готови кори, 6 јајца и еден литар јогурт. Навистина одличен рецепт.
Потребни состојки: 500 г кори за пита, 6 јајца, 1 литар јогурт, 1 лажица сол, малку масло за намастување на тепсијата (30 см).
Постапка: изматете ги јајцата со миксер малку да запенат. Додајте јогурт (оставете 3-4 лажици за премачкување). Измешајте ги јајцата и јогуртот. Намастете ја тепсијата. Ставете еден лист и уште еден врз него, попречно. Потоа земајте по половина кора, па згужвана натопувајте ја во смесата и редете во тепсија.
Не ги притискајте една врз друга, но редете ги да биде пополнето а не стиснато. Исто така, не штедете на фил. Кога ќе направите еден ред, земете една кора и поделете ја на 3 дела, не мора прецизно. Малку згужвани наредете ги тука-таму врз натопените кори.
Продолжете со натопување и редење врз овие суви кори. Овие суви кори се ставаат за да впијат малку од филот. Оставете една за горе. Ако ви остане фил прелијте го преку згужваните кори. Поклопете со корите кои висеа од страна, ставете ја последната кора и премачкајте со јогурт.
Печете на 200 степени најмалку половина час. Кога ќе зарумени гибаницата покријте ја со хартија и печете уште 10 минути. Како прилог со гибаницата може да послужите кисело млеко – тоа е совршена комбинација. Исто така, ако почекате малку да подизлади, уште повеќе ќе уживате во вкусот. / Kuvajmoblogovski.com
Како гибаницата да биде воздушеста
Растресена, воздушеста и висока, нималку жилава, ниту масна, мојата омилена гибаница по еден едноставен, старински рецепт. Честопати тато ме изненадуваше за појадок или вечера, само во еден миг ќе почувствував мирис кој допира од кујната…
Татко ми повеќе го нема… А мирисот на оваа гибаница секојпат ме враќа, барем на момент во оние безгрижни времиња кои ги поминувавме заедно… Рецепт за домашна гибаница, каква што ја правеше еден омилен татко.
Потребни состојки: 500 г квалитетни кори за гибаница, 3 јајца, 200 г полномасно старо бело сирење, 250 мл газирана вода (или малку повеќе, по потреба), 1 прашок за печиво, малку масло (може и не мора). Не треба да се посолува доколку сирењето е доволно солено
Постапка: Во поголем сад изматете јајца, па додадете сирење и потоа издробете го во виљушка. Кога целосно ќе го издробите, добро промешајте за да се изедначи. Додадете газирана вода, прашок за печиво и малку масло (иако не мора, особено ако сирењето е силно).
Убаво промешајте да се изедначат состојките. Една по една, натопувајте ги корите во приготвената смеса. Процедувајте ги како што се цеди сунѓер, само малку понежно – треба да се направи растресена топка од секоја кора, никако компактна повеќе од што мора.
Направените гужвани купчиња редете ги едно покрај друго во намастен висок плех. Доколку на крај останат трошки сирење кои не се зафатиле на корите, рамномерно распоредете ги помеѓу наредените купчиња.
Тоа што овие купчиња се редат директно во плехот, без кора на дното која служи како подлога, дава некоја посебна магија, бидејќи некои парченца сирење убаво се запекуваат и на кората и даваат посебна арома.
Вака приготвената гибаница ставете ја да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 30-45 минути – готова е кога ќе зарумени и кога ќе започне да се шири неодоливиот мирис. / Гурманче