Ви нудиме два рецепти кои подеднакво се успешни а лепињите се многу вкусни. Првиот рецепт се приготвува со сенаменско брашно, како што е наведено и во оригиналниот рецепт (има и видео) и се филува со сирење, а вториот рецепт се приготвува со интегрално брашно.

РЕЦЕПТ 1

Потребни состојки: 500 г сенаменско брашно (бело тип 500), 300 г јогурт, 20 г масло (2 лажици), 1 јајце, 2 г сода бикарбона ( ½ лажичка), 30 г шеќер (2 лажици), 10 г сол (2 лажички)

За полнење: 400 г фета сирење, 200 г моцарела, 1 јајце, 2 г црн пипер ( ½ лажичка). И уште: 50 г путер/маргарин за премачкување на лепињите

Постапка: брашното просејте го. Извадете 3 полни лажици брашно од вкупната количина за полесно да се замеси тестото, и тргнете на страна.

Во брашното додајте шеќер, сол, сода бикарбона и промешајте убаво со рака. Во сувите состојки додадете го јогуртот, маслото и јајцето, па соединете ги состојките со кружни движења на прстите почнувајќи од средината кон нанадвор.

Добро измесете ја смесата со рака, лажица или миксер со продолжетоци за тесто, без да додавате брашно.

Кога ќе се формира тестото, постепено додајте ги трите лажици брашно што ги тргнавте на страна. Формирајте топка и оставете го тестото покриено да одмори 10 минути.

За тоа време изрендајте го сирењето и моцарелата, зачинете со црн пипер и промешајте. Додајте едно јајце во мешавината од сирења и промешајте со виљушка.

На малку набрашнета маса тестото формирајте го како векна и поделете го на 6 еднакви делови од 140 г. Формирајте топчиња и оставете ги покриени да отстојат 10 минути. Филот од сирење поделете го на 6 еднакви делови од по 110 г, па формирајте топчиња.

Од секое топче од тесто формирајте круг со пречник од 10 см. Во средината ставете топче од сирење, па обложете го со тестото. Потоа валкајте го во брашно и ставете го на страна. Малку со дланката притиснете го. Повторете ја постапката со преостанатите топчиња.

Вака приготвените лепчиња оставете ги покриени да одморат 10 минути. Нелеплива тава загрејте на најсилна температура 5 минути. За да проверите дали е добро загреана, истурете малку вода, па ако скокаат капките по површината на тавата, тогаш е постигната температурата за печење.

Лепчињата уште малку со раце притиснете ги или со помош на оклагија за да добијат пречник од 25 см. Ставете ја лепињата во загреаната тава да се пече една минута под капак. Потоа преврете ја на другата страна и повторно поклопете. Повторно превртете и печете уште една минута поклопено.

Кога лепињата ќе започне да се дуе како балон, тогаш тргнете го капакот. Нежно притинете ги краевите за да се испече рамномерно. Последен пат превртете ја лепињата и печете ја уште една минута. Печениот хачапури веднаш премачкајте го со растопен путер. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

РЕЦЕПТ 2

Потребни состојки: 300 г интегрално, ‘ржани или пченично брашно, 200 мл вода, 1 лажичка сол, 1 лажичка прашок за печиво. Зачини по желба: оригано, мајчина душичка, 1 лажица маслиново масло

Постапка: измешајте ги сите состојки додека да добиете мазно тесто. Зачините можете да ги измешате во тестото или на крај да ги наросите одозгора. Оставете го тестото покриено да отстои 15 минути.

Ставете малку брашно на дланките и формирајте топчиња. Потоа со прстите развлекувајте ги и обликувајте ги лепињите. Ако тестото се лепи, тогаш можете да го обликувате директно во загреана тава со помош на лажица.

Загрејте малку масло на тавата, па пржете ги лепињите од двете страни додека да заруменат.