Во случај на упорни болки во грбот треба да го известите вашиот лекар кој ќе ве препрати на специјалист!
Кога патите од болки во грбот, понекогаш единственото нешто што го посакувате е да останете во кревет, но лекарите велат дека тоа е најлошото што можете да го направите!
Имено, лежењето ги засилува болките во грбот, известува Германското здружение за ортопедија и трауматологија (DGOU). Наместо лежење, треба да се пешачи. Болките во грбот се честа појава, а особено неспецифичните болки во долниот дел на грбот.
Болките се предизвикани од стрес, недостиг на вежбање, напнати мускули, па дури и психички проблеми. На луѓето кои патат од болки во грбот им се препорачува било каков облик на физичка активност, велат експертите.
Умереното вежбање ги подмачкува зглобовите, ја подобрува подвижноста на ’рбетниот столб и ги јакне мускулите кои треба да му дадат потпора. Лекарите не препорачуваат масажа ниту акупунктура, но таквите третмани можат да се користат како дополнување на физичката активност. Ако болките се толку силни што го отежнуваат движењето или оневозможуваат нормално држење на ’рбетот, таблетите против болки ќе овозможат повремено олеснување.
Во случај на упорни болки во грбот, треба да се обратите на специјалист, за да се утврди дали станува збор за сериозен проблем како што е фрактура или пролапс на дискот, односно промена на неговата природна положба.