Рецепт и видео презентација на Ивана од „Шерпица“ – Крцкави обланди, готови за 10 минути. Филот се готви само 4 минути, па ви преостанува само редењето на листовите и филувањето. Толку се добри што нема да можете да им одолеете. На некои им паѓа шеќерот, некои се нервозни, па мораат, а некои едноставно ги сакаат.
Каков и да е вашиот „изговор”, рецептот за обланди со кекси и нутела, сигурно ќе го засакате. Верувајте ни дека навистина е така, бидејќи ова е се едни од највкусните колачиња кои сме ги пробале.
Постапката за приготвување е многу лесна, не се валкаат садови, а потребни ви се само 10 минути од вашето време.
Потребни состојки: 1 пакување обланди, 200 г нутела, 300 мл млеко, 200 г шеќер, 200 г путер или маргарин, 160 г брашно и 150 г кршени бисквити
Постапка: Во поголем сад ставете млеко, шеќер, брашно и нутела. Сето тоа убаво промешајте го загревајќи го на рингла, внимавајќи да не останат грутчиња. Во топлата смеса додадете го путерот, па промешајте и тој да се растопи и соедини.
Варете околу 4 минути, додадете ги кексите и убаво промешајте за да се изедначи. Еден по еден лист филувајте ги обландите, па оставете на собна температура или ставете ги во фрижидер за да се стегнат.
Потоа сечете ги и послужете ги со шлаг, сладолед, овошје или по желба. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ – Карамел обланда – најубавата обланда во светот, каква што ја правеа нашите баби, со фил од млеко и шеќер
Ако ги сакате ваквите обланди, тогаш пробајте ја и оваа верзија на Мара Јелавиќ. “Јас вака ги правам, малку е поразличен рецепт од бабиниот, модифициран е, но вкусот му е предобар” – вели таа.
Под нејзиниот рецепт можете да го прочитате и стариот бабин рецепт за приготвување на карамелот. А под него и трет рецепт. Сите рецепти се слични, но се разликуваат во нијанси.
Потребни состојки: 1,2 литар млеко, 700 г шеќер, 8 лажици мелени бисквити и мелени ореви, 125 г путер/маргарин и 1 пакување обланди.
Постапка: млекото и шеќерот се ставаат на оган да се варат на умерен оган околу 1,5 час. Пред крајот од готвењето се додава 8 лажици мелени бисквити и мелени ореви измешани заедно. Сето тоа уште малку се вари, па се трга од оган и се додава половина коцка маргарин да се растопи во кремот и соедини.
Со млак фил се премачкуваат обландите. “Мене ми беше доволно фил за едно пакување обланди, па додадов уште еден лист за да го потрошам целиот фил” – вели Мара.
Стар рецепт за карамел обланди
Потребни состојки: 2 литри млеко, 1 кг шеќер, 100 г путер/маргарин и 5 листови обланди.
Постапка: млекото со шеќерот ги ставате да провријат на оган (на јачина 5), а потоа се намалува на тивко до умерено (на јачина 2 или 1), за да не испари нагло течноста. Се готви подолго време и повремено се промешува додека да стане густо и да ја промени бојата во карамел. Некаде пред крајот се додава путерот и се промешува за да се изедначи. Се филуваат пет листови обланда со изладен фил.
Потребни состојки: 1 пакување обланди, 200 г шеќер, 2 лажици брашно, 1,5 литар млеко, 1 кг шеќер, 375 г маргарин/путер и 150 г мелена плазма.
Постапка: брашното и 200 г шеќер полека запржете ги (како за карамел). Кога убаво ќе се соедини додајте го млекото и варете додека шеќерот да се растопи. Потоа додајте го преостанатиот шеќер и варете на тивок оган додека да згусне, нешто погусто од смесата за палачинки.
Додајте путер и варете уште малку додека тој целосно да се растопи. Додајте ги мелените кекси. Обландата филувајте ја додека смесата е топла. Притиснете го последниот лист обланда со нешто тешко и оставете да се олади и стегне.