Блитвата (Beta vulgaris) e двогодишно растение кое расте како висок зелен зеленчук, со крцкаво стебло, чии листови може да бидат во најразлични бои како црвена, жолта или темно зелена. Блитвата е во роднинска врска со репката и спанаќот и го делат речиси истиот вкус. Се смета дека ова растение го користеле старите Грци и тоа во медицински цели.

И листовите и стеблата на блитвата можат да се јадат, иако листовите се помеки и почесто се консумираат, за разлика од стеблото кое може да се користи во подготовка на супи или чорби. Блитвата се одгледува во целиот свет и се сее поради нејзината способност да расте на рурални почви, за што е потребно малку вода и светлина.

Ако прокељот се смета за крал на зеленилото, блитвата е подеднакво драгоцена со својот широк спектар на хранливи придобивки. Блитвата има богат хранлив состав и содржи бројни витамини и антиоксиданси.

Блитвата е една од нутритивно најгустите храни. Тоа значи дека е особено богата со микронутриенти, а има многу мала калориска вредност. Само 175 г блитва дневно може да ги обезбеди потребите од витамин К, А и значителен дел од потребите за магнезиум, калиум, манган и витамините Ц и Е.

Има силно антиоксидативно дејство

Блитвата содржи низа на антиоксидативни компоненти вклучително полифеноли, витамин Ц, витамин Е, каротеноиди и други хранливи пигменти. Исто така, во блитвата се присутни неколку флавоноидни антиоксиданти.

Овие нутриенти овозможуваат заштита на клетките од т.н. оксидативен стрес предизвикан од слободните радикали, а кај повеќето флавоноиди се откриени и повеќе други лековити дејства, како на пример антиканцерогени.

Телото природно продуцира слободни радикали како метаболитички „отпад” . Ваквиот отпад е силно реактивен, па може да предизвика оксидативен стрес, односно да ги оштети различните клетки на организмот. Во спречувањето на овие процеси клучна улога играат антиоксидантите.

Спречувањето на оксидативниот стрес, понатаму го спречува развојот на хроничните воспалителни процеси во организмот, кои се еден од главните ризик фактори за повеќето хронични заболувања, како: рак, кардиоваскуларни заболувања и Алцхајмерова болест.

Блитвата е богат извор на растителни влакна

Блитвата е сосем солиден извор на растителни влакна. Значењето на растителните влакна за здравјето на цревната микрофлора, а со тоа и на целокупно здравје на човекот е големо. Помеѓу најбитните позитивни влијанија на растителните влакна се:

Одржувањето на здравјето и перлистатиката на тенкото црево и дебелото црево, хранење на корисната микрофлора, обезбедувањето на постепено испуштање на глукозата во кр-вта и намалувањето на „лошиот” холестерол во кр-вта.

Блитвата се наоѓа помеѓу најдобрите природни извор на витамин К

Консумирање на блитва секојдневно ќе ви обезбеди половина од дневните потреби на овој витамин (175 г). Витаминот К има повеќе значајни функции во организмот: учествува во повеќе различни клеточни процеси и е неопходен за спречување на коагулација (згрутчување) на кр-вта при повреди.

Витаминот К е есенцијален за здравјето на коските. Потребен е за телото да продуцира протеин наречен остеокалцин. Овој протеин учествува во формирањето и одржувањето на здравјето на коските.

Блитвата е добра и за здравјето на срцето и намалување на кр-вниот притисок

Луѓето чија диета содржи минерали како калциум, магнезиум и калиум имаат помала веројатност да имаат висок кр-вен притисок. Блитвата ги содржи овие минерали кои го намалуваат кр-вниот притисок преку ослободување на натриум од телото.

Блитвата може да помогне во намалување на инсулинската резистентност и во намалувањето на кр-вниот шеќер

Студиите покажуваат и дека фиберот помага при намалувањето на инсулинската резистентност, состојба во која клетките прекинуваат да реагираат на инсулинот. Ваквата состојба води кон зголемен ризик од дијабет, срцеви болести и дебелина.

Блитвата содржи алфа-липоична киселина со антиоксидативно дејство. Студиите велат дека оваа киселина може да помогне во намалувањето на инсулинската резистентност и да помогне во компликациите поврзани со дијабетес, вклучително потенцијалните нервни оштетувања.

Добра храна за намалување на телесната тежина

Растителните влакна освен што превенираат од појавата на покачување на кр-вниот шеќер, со што предизвикуваат продолжено чувство на ситост, тие ја врзуваат и водата во желудникот, состојба која промовира чувство на ,,полн стомак”. Ова понатаму води кон намалување од потребата за обилни оброци и постојаната потреба за различни грицки.

Во студија спроведена на 120 индивидуи со прекумерна телесна тежина, се вели дека оние кои внесувале 2 пати повеќе блитва, имале поголемо намалување на високот килограми, но и полесно се заситувале. Ваквото дејство на свежата храна е препотврдувано од многу студии.

Потрошувачката на сите овошја и зеленчуци е поврзана со намален ризик од многу неволни здравствени состојби. Многу студии сугерираат дека консумирањето на блитва го намалува ризикот од воспаленија, хронични заболување и несакани акутни состојби.

Блитвата е вистинско богатство. Поради неверојатниот состав на витамини и минерали, секоја жена, без оглед на возраста, мора да ја вклучи во исхраната. Покрај тоа што е исклучително здрава, блитвата е многу вкусна.

Омлет со блитва

Потребни состојки: 2 гроздови блитва, 4 јајца, 2 лажици кисела павлака, 2 лажици млеко, малку сол и малку масло.

Подготовка: Пропржете ја ситно исечканата блитва во загреано масло (користете ги и стебленцата на блитвата) и прелијте ја со изматени јајца кои се претходно измешани со киселата павлака и млекото.

Ориз со блитва

Потребни состојки: 1 кромид, 4 стебленца блитва, 1 рендан морков, малку масло, малку сол, 1 чаша измиен ориз или просо, 400 мл вода.

Подготовка: Загрејте малку масло во длабока тава и испржете го кромидот и ренданиот морков. Кога кромидот ќе се карамелизира, додајте ја блитвата, па посолете и гответе уште неколку минути да се пропржи блитвата. Потоа додајте го претходно исчистениот ориз и промешајте. Додајте ја водата и оставете да зоврие, а потоа гответе додека оризот да омекне. Зачинете по вкус.

Сарми од блитва

Потребно состојки: 20 поголеми лисја од блитва, 300 г мелено месо, 1 кромид, 1 морков, грст ориз, сол, црн пипер, сос од домати, малку масло.

Подготовка: Пропржете го ситно сечканиот кромид, морков и меленото месо во намастена тава. Потоа додајте го оризот и зачинете кога оризот ќе омекне. На добро измиените листови блитва додавајте по 1 супена лажица од пропржената смеса и завиткајте како сарми.

Потоа наредете ги сармите во тава, одозгора истурете го сосот од домати и оставете да се крчка на ниска температура. Послужете со кисело млеко.

Мафини со блитва

Потребни состојки: 200 мл јогурт; 3 стебленца блитва ситно сечкани со се листови,  малку сол, 100 г дробено сирење, 100 мл масло, 300 г просеено брашно и 1 прашок за печиво.

Подготовка: Измешајте сè во еден пластичен сад и претурете во калапи за печење. Печете на 200 степени околу 20 минути. Не заборавајте дека блитвата и варениот компир совршено одат како прилог со риба. Вклучувајте ја блитвата постојано во вашата исхрана и диета. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска