Рецепт и видео презентација на Мои Домашни Рецепти: Кадаиф со ореви. Многу интересен колач со богат и полн вкус кој никого нема да го остави рамнодушен. Егзотичниот традиционален старински колач во комбинација со крем, доживејте го во сосем нов вкус.
Подготовката е интересна: кадаифот со оревите се пече во рерна 20 минути, а потоа се вари кремот на вообичаен начин како што се вари пудинг и се збогатува вкусот со бело чоколадо. Кремот се излева врз половина кадаиф, а врз кремот се наросува втората половина на кадаифот. Единствено што треба да почекате се 12 часа за да се стегне кремот.
Потребни состојки: 250 г кадаиф, 100 г ореви, 3 супени лажици шеќер, 150-200 г путер. Колачот се приготвува во плех со димензии 30х40 см, а се пече во загреана рерна на 220 степени, 20 минути.
За крем: 1 литар млеко, 3 супени лажици нишесте, 37 г пудинг со вкус на ванила (една кесичка), 4 супени лажици шеќер, 100 г бело чоколадо.
Постапка: Ако кадаифот сте го купиле во топка, тогаш притиснете го малку со рацете и искршете го на поситни парчиња (како фиде) и ставете го во подлабок сад. Прелијте го со 200 г путер или маргарин. Додајте 100 г сечкани ореви и со лажица промешајте за да се изедначи смесата.
Добиената смеса истресете ја во плех со димензии 30х40 см и рамномерно распоредете ја. Одозгора наросете 3 супени лажици шеќер и со лажицата распоредете го рамнимерно да навлезе насекаде во кадаифот. Протресете и ставете да се пече во загреана рерна на 220 степени, 20 минути.
На половина од печењето малку промешајте го кадаифот и вратете го рерната да се загрее. Кога ќе биде печен треба малку да ја промени бојата, односно малку да зарумени. Извадете го од рерна, оставете малку да подизлади, а потоа поделете го два делови.
Половина од кадаифот извадете го во посебен сад, а онаа половина што ќе остане во плехот, рамномерно распоредете ја врз целата површина и израмнете. Приготвување на кремот: во едно тенџере ставете еден литар млеко, три супени лажици нишесте, една кесичка пудинг од ванила и 4 супени лажици шеќер.
Добро изматете го со жица маталка за да нема грутчиња, ставете го на оган и загревајте го со постојано мешање сè додека да се свари и згусне кремот. Тргнете го од рингла и во врелиот пудинг додајте 100 г бело чоколадо искршено на коцки. Промешајте за да се растопи и да се соедини во кремот.
Со кутлача црпете од полутечниот крем и рамномерно полевајте го кадаифот. Печениот кадаиф ќе го впие кремот и ќе се одбие еден извонредев вкус. Израмнете ја површината. Одозгора наросете ја втората половина од кадаифот, рамномерно преку целиот крем.
Вака приготвениот колач оставете го преку цела ноќ на собна температура, најмалку 12 часа да се олади и да се впијат состојките. Потоа можете да го пресечете и да го послужите. Деталите од целата постапка на приготвување можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.