Можеби не сте знаеле, но за разлика од другите намази како што се мајонезот и кечапот, а за кои е познато дека својот привлечен вкус го должат на некои штетни материи, сенфот освен го подобрува вкусот на јадењата, поседува и лековити својства.
Иако сенфот не е еден од најдобрите природни лекови, сепак неговите лековити својства со сигурност не треба да се потценуваат. Сенфот се користи како дресинг во голем број салати, во подготовката на немасно месо (го омекнува), „хот дог“ и слично, но употребата на сенф често се препорачува и за медицински цели.
Домашниот сенф, подготвен од природни состојки, без употреба на вештачки бои, ароми и конзерванси, е ефикасен речиси колку и самиот синап. Сенфот има моќно антибактериско дејство, со пикантен вкус и затоа се користи како додаток на разни солени јадења.
Првите рецепти за правење сенф датираат уште од римското време. Сенфот првично бил направен од вински оцет, шеќер и зачини. Богат е со фосфор, магнезиум, железо, селен, натриум, витамин А и протеини. Покрај тоа што се користи во диети, сенфот е лесно достапна храна што може да ни помогне при некои болести и заболувања.
Во сезони на грип и настинка, честопати се случува и ние да настинеме. Големо олеснување е тоа што може да подготвите домашен лек со намирници кои веќе ги имате во домот, а комбинацијата од нив може да биде значително лековита.
Потребни состојки: 2 лажички сенф, сок од половина лимон, прстофат сол, 1 лажичка мед.
Постапка: Во половина чаша вода ставете ги претходно наведетените состојки и варете ги околу 10 минути, а потоа тргнете го садот од оган. Кога смесата ќе се излади, пијте од напитокот голтка по голтка на неколку минути.
Сенфот помага и при изгореници и други оштетувања на кожата. Во летните денови, доколку вашата кожа се зацрвени од сонцето, на тој дел од кожата нанесете сенф. Тој ќе придонесе за побрзо закрепнување на оштетената кожа и ќе спречи формирање плускавци.
Доколку после тренинг вашите мускули се воспалени, премачкајте се со сенф, бидејќи е одличен за опуштање на мускулите. За таа цел, можете да направите бања од сенф, лажичка морска сол и топла вода. Слична бања, во помала количина, е одлична за релаксација и одмор на уморните нозе и стапала. Не треба да се потцени истражувањето кое укажува на антиканцерогени ефекти на сенфот, особено кај малигни заболувања на дигестивниот тракт.
Вреди да се спомене дека сенфот е соодветен додаток на оброците во исхраната, бидејќи 100 грама сенф содржи само околу 75 калории. Сепак, оваа придобивка не треба да се искористува поради неговата висока содржина на натриум, бидејќи може да предизвика нарушување во кр-вниот притисок.
Домашен сенф без оцет
Бидејќи домашната храна е секогаш поздрава и побезбедна, подгответе домашен сенф кој е многу едноставен за приготвување, а подготвен на овој начин можете да го чувате во фрижидер до 6 месеци без да се расипе.
Потребни состојки: 2/3 шолји семе од синап, 1 шолја сок од лимон, 1/3 шолја млака вода, 1 лажичка сол, зачини по желба и ви предлагаме мајчина душица, рузмарин и кари.
Постапка: Измешајте го процедениот сок од лимон со вода, натопете го синапот во неа и оставете го да отстои 3 – 4 дена на собна температура. Синапот ќе ја апсорбира целата течност и ќе се направи сенф. Потоа сомелете ја оваа мешавина до посакуваната структура и додадете сол и зачини по желба. Се препорачува свежо направениот сенф да се остави во фрижидер да отстои неколку дена за да биде повкусен.
Овој вкусен намаз се прави од лековити билки, со додаток на вода и оцет. Кога ќе се изгорите, нанесете подебел слој сенф на местото на изгореницата и болката ќе исчезне. Доколку ве боли глава, намачкајте се со сенф на челото и слепоочниците. Кога сте настинати и ве „гребе“ грлото, проголтајте лажичка сенф.
Може да направите и напиток во комбинација од сенф, сок од лимон, лажичка сол, мед и сето ова да го измешате со половина чаша топла вода. Почекајте да се олади, па направете гаргара. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска