Имуниот систем претставува нашиот одбранбен механизам против сите несакани инфективни заболувања (предизвикани од различни микроорганизми), но и малку поопшто. Тоа е нашиот одбранбен систем кој треба да го одржи организмот во една т.н. состојба на баланс.

Неодамна истражувачите бараа одговор на прашањето дали ние можеме со нашите постапки, односно со нашиот животен стил, да му ,,помогнеме” на имунитетот во неговото соодветно функционирање?

Одговорот е да, исхраната како фактор за оптималната функција на имуниот систем треба да се базира на консумирање намирници богати со витамини, минерали и растителни влакна.

Покрај добрите животни навики како редовната физичка активност, непушењето, минимизирањето и контролирањето на стресот, неконсумирањето на ал-ко-холот, можеби најважна е правилната и здрава исхрана.

10 намирници кои можат да ја помогнат правилната функција на нашиот имунитет

Цитрусно овошје

Во овој вид на овошки спаѓаат: лимон, портокал, мандарини, цитрони, грејпфрут итн.
Како најважна компонента на овие овошки која придонесува за правилната функција на имунитетот се смета витаминот Ц. Овој витамин се поврзува со зголемената продукција на бели крвни клетки кои се клучни во борбата со сите инфекции.

Телото само не е способно да го произведен овој витамин, па затоа е доста важно да ги консумираме овие овошки. Покрај нив, пиперката и некои други видови зеленчуци се особено богати со витамин Ц.

Брокулa

Не без причина брокулата се смета за супер-храна. Таа е богат извор на микронутриенти од различни видови. Полна е со витамин С, А, Е, како и низа на антиоксиданти и растителни влакна. Што помалку третирана, толку подобро.

Лук

Лукот е присутен во сите светски кујни, а кај нас исто така традиционално е присутен во повеќето јадења. Бројни се неговите позитивни влијанија на здравјето. Повеќе научни истражувања укажуваат на моќта на лукот дека влијае на намалувањето на кр-вниот притисок и го успорува стврднувањето на артериите.

Алицинот, заедно со другите компоненти на лукот кои содржат сулфур, има моќно имуностимулирачки дејство. Исто така некои студии укажуваат на негово антибактериско дејство. Потребно е секојдневно да се консумира во исхраната како зачин, но и како лек.

Ѓумбир

Мудриот народ, уште од далечните времиња го користел ѓумбирот заради позитивните ефекти кои искуствено ги увидел. Денес, докажани се повеќе негови позитивни ефекти како: намалување на воспаленијата, ублажувањето на нагоните за повраќање и намалувањето на хроничната болка. Некои студии спроведени на животни укажуваат и на негово позитивно дејство во намалувањето на холестеролот во кр-вта.

Спанаќ

Освен што е богат извор на витамин Ц чија значајност ја споменавме, спанаќот е богат и со различни антиоксиданти, бета каротен итн. Овие компоненти можат да помогнат во антивоспалителните процеси со кои се соочува имуниот систем. Слично како и кај брокулите, спанаќот е поздрав кога помалку термички се обработува.

Бадеми

Бадемите се јатки кои што се богати со здрави маснотии, но и со бројни микронутриенти. Изобилуваат со голема количина на калциум, низа на антиоксиданти и големо количество на витаминот Е. Витаминот Е се смета за една од клучните хранливи материи за имуниот систем. Еден оброк со околу 50 г бадеми целосно ги задоволува дневните потреби од витаминот Е.

Зелен чај

Редовното пиење на овој чај е во културата на народите од далечниот исток. Во последно време е се поприсутен и кај нас. Неговото позитивно дејство на имунитетот и општо на нашето здравје е резултат на неговиот богат антиоксидативен состав. Содржи флавоноиди и епигалокатехин галат – моќни антиоксиданти.

Зелениот чај исто така содржи аминокиселина наречена Л-теанин. Оваа аминокиселина може да придонесе во зголемување на продукцијата на имуните клетки наречени Т-клетки, кои се задолжени за борба против разните микроорганизми кои предизвикуваат разни инфекции.

Сончоглед

Сончогледот за грицкање или оној со помал процент на масти, често се употребува кај нас. Оваа навика треба да ја задржиме (секако да внимаваме да не е пресолен) поради тоа што сончогледот е богат со витаминот Е. Значајноста на витаминот Е како антиоксидант ја споменавме кај бадемите. Покрај овој витамин, сончогледот е богат и со минерали како фосфор, магнезиум и витамини од Б групата.

Киви

Кивите се присутни на нашиот пазар, особено во овој дел од сезоната. Покрај значителниот процент на витамин Ц кој го обезбедат, кај нив значајно е и присуството на есенцијални хранливи материи како: фолати, калиум, витамин К. За имуниот систем најважен е витаминот Ц, додека другите нутриенти се значајни за други важни функции во организмот.

Печурки

Една австралиска студија докажува имуностимулирачко дејство на неколку типови комерцијални печурки: шитаке, реиши и маитаке. Имуностимулирачкото дејство на печурките се должи на бета глуканите (вид на јаглехидрати) кои се дел од нивниот состав. Овие компоненти се присутни и кај овесот.

Кога ќе се внесат, имуниот систем бета глуканите ги гледа како ,,туѓи елементи” стимулирајќи зголемен одговор, што се одразува и на патогените кои можат да бидат присутни. Австралиските научници исто така откриле и позитивно дејство на бета глуканите во намалувањето на високиот холестерол, а со тоа и на ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска.